СЕ АСФАЛТИРААТ УЛИЦИТЕ ВО ПОРАНЕШНАТА КАСАРНА

СЕ АСФАЛТИРААТ УЛИЦИТЕ ВО ПОРАНЕШНАТА КАСАРНА

Интензивно се работи на реализацијата на проектот со кој ќе се обезбеди комплетна инфраструктура на просторот на поранешната касарна во Битола. Денес, асфалтирањето започна од улицата СРУ 7 во АРМ 1, а со завршувањето на комплетната инфраструктура на улиците во АРМ 1 и АРМ 2, станбените и индивидуалните објекти, ќе се поврзат со улиците од градското подрачје. Со тоа локалната самоуправа ќе го реши долгогодишниот проблем на инвеститорите од овој дел на градот, кои и покрај платените средства за комунални услуги, немаа можност да добијат соодветно инфраструктурно поврзување, а последиците од тоа ги трпеа и жителите на станбените објекти од оваа, нова населба во Битола.
Со договорот за кредитот за комплетна изградба на инфраструктурата во поранешната касарна и анексот на договорот, во овој дел се обезбедува водоводна мрежа, атмосферска и фекална канализација, улично осветлување и асфалтирање на улиците, со што овој урбан дел ќе ја добие потребната инфраструктура, која за истиот е од витално значење.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 155.000.000,00 денари, за реализација на комплетна инфраструктура на 14 улици во АРМ 1 и АРМ 2, а истите ќе бидат завршени оваа градежна сезона.