Од утре, седниците на Советот на Општина Битола ќе бидат снимени во целост и потоа ќе бидат ставени на веб страната на Општина Битола, посочи Претседателот на Советот на Општина Битола, Валентин Груевски.
„Ова е една од работите кои ние ги ветувавме во кампањата и во насока на транспарентност и отчетност за нас ова е еден голем чекор во однос на информирањето на граѓаните. Во овој момент според техничката опременост, седниците ќе бидат емитувани на овој начин, меѓутоа наскоро се очекува преку наш канал седниците да бидат емитувани во живо. На овој начин Советот ќе го направиме транспарентен, да можат седниците да ги видат сите граѓани кои што сакаат тоа да го направат. Ова претставува чекор кон подигнување на кредибилитетот на Советот и на советниците како институција, по закон и по тоа колку луѓе ги гласале советниците, да го добие местото кое го заслужува“, рече Груевски.
На прес конференцијата, Груевски посочи и дел од точките на дневен ред на 33 седница, меѓу кои ќе се најдат завршните сметки и извештаите на јавните претпријатија, избор на Управен и Надзорен одбор на јавното претпријатие за паркирање, кое според планираната динамика, до крајот на месецот треба да ја помине процедурата за впишување на претпријатието во Централниот регистар.