СВЕЧЕНО ОТВОРЕН МЕМОРИЈАЛНИОТ КОМПЛЕКС НА ФРАНЦУСКИТЕ ВОЕНИ ГРОБИШТА

СВЕЧЕНО ОТВОРЕН МЕМОРИЈАЛНИОТ КОМПЛЕКС НА ФРАНЦУСКИТЕ ВОЕНИ ГРОБИШТА

Во рамките на одбележувањето на стогодишнината од крајот на Првата светска војна, на Француските воени гробишта во Битола, денес беше отворен францускиот Меморијален комплекс. На настанот свое обраќање имаа Амбасадорот на Франција, Кристијан Тимоние, министерката Женевиев Дариесек, Државен секретар во Министерството за Вооружени сили, заменичката на Претседателот на Владата и Министер за одбрана Радмила Шеќеринска и градоначалничката на општина Битола, м-р Наташа Петровска. „Денес во овој кус временски миг, со нашата почит, со нашата љубов му пркосиме на временската минливост. Илјадници солзи и уште толку воздишки денес не допираат, илјадници мириси на тага за згаснатите животи, за недопрените песни, за недоцртаните пејзажи, за недопрените врвови. Денес, сме овде со солза повеќе за изгубеното, за неповратното. Мирисот на војната, не држи будни, не да не заборавиме, туку да простиме, за да си дадеме шанса за поубава утрешнина, кога мигот на почитта ќе стане временска одредница. Нека се нижат нови илјадници, на насмевки, на љубовни воздишки, на пејзажи во кои колоритот од нации и култури, вели: ќе стане вредност за која ќе се бориме и ќе постоиме,  да остане од нас, за нас и за идните генерации. Да создадеме свет со раскошна демократија, свет на единство и солидарност, на пријателство, да создадеме свет со кој ќе покажеме дека сме научиле, дека сме пораснале, дека сме испочитувале, дека ќе го испишеме на камен овој миг, да остане како завет и временска одредница. Почитувани, нека Европа стане едно, нека светот биде едно – топол дом за човештвото“, рече градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, посакувајќи им топло добредојде на присутните. Меморијалниот комплекс во Битола е посветен на споменот на француските војници кои се бореле на Македонскиот фронт, како и на локалното население кое ја доживеало таа војна, заедно со нив. Сместен на Француските воени гробишта кои постојат во Битола уште од крајот на Првата светска војна, овој нов меморијален простор им оддава почит на војниците и зборува за значајното место што Македонскиот фронт го има во европската историја. После отворањето на Меморијалниот комплекс, се одржа конференција на тема „Стогодишнина од македонскиот фронт во Првата светска војна“.