Битола по десетти пат од синоќа го живее и со секој одживеан миг го создава Бит фест. ,,Битолското културно лето им дава шанса на сите со своите постигнувања да се престават пред битолчани. За време на одржувањето на фестивалот, Битола е отворена сцена на која покрај битолчани и бројните туристи имаат можност во зависност од своите афинитети да уживаат во настапот на бројните уметници и да проследат бројни културни содржини.,,- рече градоначалникот на Битола, д-р Владимир Талески.
Бит фест 2015 започна со концерт на филмска музика на Битолскиот камерен оркестар, настапи оперската дива Весна Гиновска – Илкова, Наде Талевска, Ламбе Алабаковски, Димитар Андоновски, Ирена Димевска, Бојан Стојков, Нико Ѓоргиев.
Синоќешниот концерт на Битолскиот камерен оркестар и солистите со право предизвика огромен интерес кај публиката, која до последното место ја исполни салата на НТБ и во вистинска смисла на зборот ги понесе сите атрибути на прекрасно музичко доживување.
Синоќа стартот на Битфест го одбележа и спектакуларниот настап на белградската рок атракција “Партибрејкерс” како дел од фестивалот “Битола отворен град 2015” во организација на МКЦ. Рок бендот “Партибрејкерс” приреди одлична журка за неколкуилјадната публика која се собра на големиот концерт под отворено небо на Широк Сокак. Со познати рефрени и динамичен сценски настап фронтменот на “Партибрејкерс” следејќи го пулсот на публиката, понуди целовечерна музичка програма низ која прозвучија хитови препознатливи за сите генерации.