СВЕЧЕНО ЗАТВОРЕНО 54 ИЗДАНИЕ НА РЕПУБЛИЧКИОТ ФЕСТИВАЛ НА НАРОДНИ ПЕСНИ И ИГРИ „ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ“

СВЕЧЕНО ЗАТВОРЕНО 54 ИЗДАНИЕ НА РЕПУБЛИЧКИОТ ФЕСТИВАЛ НА НАРОДНИ ПЕСНИ И ИГРИ „ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ“

На Платото пред Офицерскиот дом, синоќа свечено беше затворено 54 издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“. Присутните ги поздрави градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски кој нагласи дека, Битола е најдобро место, каде преку културно уметничкиот израз може да се направи спој на младоста, мудроста и искуството, современото и традиционалното, културата и наука и тоа светски да се промовира под мотото ,,Уметноста на традицијата“.

„Во изминатите 13 денови, ова го потврдија многубројните учесници, ансамбли, фолклорни групи изведувачи и промотори на културата и традицијата, кои низ деветдневна програма не прошетаа низ навистина впечатливи сцени, кои ќе останат долго запаметени, а дополнително се поттикнувач и за младите генерации, потсетување за повозрасните, но и повод повеќе да се престојува во Битола во периодот додека трае фестивалот „Илинденски денови“. На самиот крај на 54 издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, сакам да им се заблагодарам на сите гости од различните краеви на светот кои настапија во Битола, а на организаторите да им честитам за уште една успешна организација и да им посакам секое следно издание да биде се поуспешно.

Честитки за сите награди и признанија, кои и оваа година, низ навистина комплексен избор ги вреднуваат најдобрите. Тоа што останува наш мотив за уште поголема промоција на културно историското наследство, е најважниот дел од овој фестивал – публиката, која секогаш со вистинска радост ги следи сите настани кои се дел од „Илинденски денови“.

И вечерва, како дел од Вас почитувани гости, посакувам фестивалот да продолжи да расте и да биде вистинска инспирација за генерациите кои доаѓаат“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, во своето обраќање пред присутните.

Со доделување на специјални награди беа прогласени најуспешните фолклорни групи, културно-уметнички друштва и ансамбли. Жири комисијата во состав: д-р Владимир Јаневски, д-р Мирјана Мирчевска, д-р Беким Рамадани и м-р Христијан Николовски ги додели следните признанија:

  • За најуспешна група која презентираше традиционална музика и игра беше прогласена КУД ,,ИЛИНДЕН“ Битола
  • За најуспешна група која презентираше староградска музика беше прогласена: ВИА ,,Распеани кичевчани“ – Кичево
  • За најуспешна соло инструментална изведба беше прогласена ОНИ ,,Осоговски бисер“ – Кочани
  • За најуспешна играорна соло изведба признанието го понесе: Зењел Беќири од КУД ,,Добра“ – Дебар
  • За ансамбл со најизворна, најкомплетна носија беше прогласен АФ ,,Гоце Делчев“ -Битола

Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, изминатите денови ги раздвижи сите отворени сцени во Битола, создавајќи разноликост на култури и традиции низ фолклорниот колорит на Македонија, Романија, Боливија, Јужна Кореја, Северен Кипар, Мексико, Турција, Србија, САД.