Со свеченото доделување на наградите, денес заврши 42 издание на Малиот Битолски Монмартр. Највисоките награди беа доделени на следните учесници:
Најдобро школо на светската детска ликовна колонија е Simply Art од Хонг Конг-Кина. Наградата е доделена по Статут од страна на Детско ликовно студио Свети Кирил и Методиј Битола преку Плакета, чиј покровител е градоначалникот на Општина Битола, а во негово име наградата ја додели заменик градоначалникот Бојан Бојковски.
Најдобар учесник – ученик на светската детска ликовна колонија за Мируна Иоана Морте – Романија. Ученичката доби и посебно признание од Здружението на занаетчии на Битола – сребрен крст кој е изработен во 1ООО годишен калап.
Доделени се и 12 награди за индивидуален ликовен пристап, како и благодарница на ОО Црвен Крст Битола за соработката со нивните волонтери.
За време на колонијата на која учествуваа 2О делегации од 15 држави од цел свет, а на која што твореа над 8О учесници, со вкупно 120 гости, беа создадени и оставени во трајна сопственост на студиото над 4ОО ликовни дела од 5 колониски дена во Битола и по еден во Охрид и Бигорски Манастир.
Од Детско ликовно студио Свети Кирил и Методиј Битола информираат дека делата од Манастирот Свети Јован Бигорски ќе бидат донирани на Бигорската Обител, додека со КИЦ Битола ќе реализираат заедничка изложба, како последниот колониски ден сите учесници – млади ликовни уметници го сликаа Офицерски дом – Битола.
Делегација на Детското ликовно студио Свети Кирил и Методиј Битола по церемонијата на наградување отпатува за Франција каде во Париз и Троа ќе земат учество на 3О јубилејна изложба на УНЕСКО, каде во конкуренција на 75 држави Детското ликовно студио Свети Кирил и Методиј Битола освои 2О признанија – 13 награди како и посебни признанија за студиото и претседателката Елена Хаџи-Антоновска.