Синоќа, свечено беше затворен 36 тиот ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.
Највисокото фестивалско признание на ИФФК „ Браќа Манаки„ наградата златна „Камера 300“ му беше врачена на унгарскиот кинематографер Маќаш Ердели за филмот „Синот на Саул“.
Сребрената „Камера 300“ ја доби кинематограферот Адам Аркапо за филмот „Магбет“, а бронзената „Камера 300“ за филмот „Земја и сенка“ му припадна на кинематограферот Матео Гусман. Овие престижни награди беа доделени со одлука на меѓународното стручно жири, кое беше предводено од полскиот киноматографер Ришард Ленчевски кој на минатогодинашното издание ја доби сребрената „Камера 300“.
Доделена беше и специјална награда која му беше врачена на кинематограферот Мортеза Геиди од Иран за филмот „Нахид“, додека пак „Мала златна камера 300“ за најдобар краток филм доби Горан Наумовски за филмот „Долу од рајот “.
Награди златна „Камера 300“ за животно дело добија српскиот кинематографер и режисер Божидар Бота Николиќ и чешкиот кинематографер Јаромир Шофр.
Исто така, за прв пат беа доделени наградите „Бона Деа“ и „Златен Манаки“. Во програмата „Нов европски филм“, наградата „Бона Деа“ за најдобра фотографија ја доби Португалецот Васко Вијана кинематографер на филмот „Планина“, а наградата „Бона Деа“ за најдобар филм беше доделена на екипата што го сними филмот „Овни“. Во програмата „СЕЕ Камера“ наградата „Златен Манаки“ за најдобар кинематографер ја доби Словенецот Милош Срдиќ за филмот „Шумите се сеуште зелени“, додека наградата „Златен Манаки“ за најдобар филм беше доделена за турскиот филм „Сивас“.