Под мотото „Да се биде“, во организација на Центарот за култура, годинава во Битола се одржа 24 издание на Интернационалниот Фестивал на монодрама, кој траеше девет дена, а учествуваа актери од 11 земји со вкупно 13 монодрами.
На синоќешното свечено затворање на фестивалот беа доделени наградите: Гран При – највисоката награда на годинашниот фестивал му беше доделена на актерот Јанјиндулам Рагкасурен од Монголија за претставата “Кој сум јас”, во режија на Б.Батделгер, наградата за најдобро актерско остварување му беше доделена на Салваторе Арена, за улогата во претставата “Како мало зрно песок” од Италија, а за најдобра режија на Фестивалот беа наградени Хорхе Лопез и Пати Доминик за претставата “Крвава свадба” од Шпанија.
Според гласовите на публиката, најдобра претстава беше “Како мало зрно песок” од Италија. Оваа награда ја додели градоначалникот, Тони Коњановски, во име на Општина Битола која и годинава е поддржувач на ова прекрасно фестивалско издание:
„Негувајќи ги вистинските културни вредности, Општина Битола, продолжува да биде поддржувач на културните настани во градот, меѓу кои е и Интернационалниот фестивал на монодрама, кој со својот препознатлив квалитет и посебност, се одржува по 24 пат. Најмногу од се, радува исполнетоста на салите за театарските претстави, за време на изведбата на монодрамите. Покрај редовната битолска театарска публика која со својот префинет вкус и чувство за театарската уметност е надалеку позната и претставува вистински предизвик за актерите, претставите беа посетени од млада публика, која сега го гради својот став и критичност кон оваа уметност. Тој спој на генерации, ветува дека и натаму во градот ќе опстојува и ќе се негува љубовта кон театарот, а публиката и натаму ќе биде најголемиот предзивик за сите домашни и странски актери. Чест ми е што вечерва имам можност да ја доделам наградата од публиката. Гласот на гледачите претставува можеби и најдрагото признание за еден актер, кој знае дека ги освоикл срцата на публиката пред него. Честитки за сите добитници на наградите“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, во своето обраќање пред публиката.
По доделувањето на наградите, на сцената на Битолскиот Народен театар беше изведена претставата “Нема струја за електричниот стол” на театарот “Јордан Х. К. Џинот” од Велес, во режија на Дејан Пројковски.
Новина на Фестивалот од годинава беше конкурсот за македонски монодрами и по пауза од повеќе од 15 години беше обновен конкурсот за монодрамски текст.
Во рамките на Фестивалот на монодрамата беа организирани работилници за пантомима, како и офф програма која внесе позитивна енергија во Битола надвор од театарските сцени.