Пред почетокот на новата учебна година, во средното општинско техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ се работи на реновирање на водоводната инсталација и санација на училниците. Со средства од Општина Битола, се реновираат два кабинети и осум училници, а се врши и санација и онаму каде што е потребно, замена на оштетувањата од водоводната мрежа.
„Училиштето е пуштено во употреба во 1986 година и досега нема никакви капитални интервенции или инвестиции во него. И времето си го направи своето, така што имаме огромни оштетувања, претежно во одводната и водоводната инсталација. Дограмата е во очајна состојба, можеби сме единственото средно училиште кое нема замена со ПВЦ дограма и имаме големи загуби на топлинска и електрична енергија, кои се и загуби на општината, како трошоци на училиштето. Се надевам дека ќе најдеме на уште поголемо разбирање во иднина и оваа помош од општината ќе се интензивира и ќе се зголеми. Во моментот, оваа инвестиција од општината е околу 3000 евра или 171.000 денари, за поправките кои се во тек. Со ова ќе се подобрат условите за работа и на учениците и на вработените, почнувајќи од 1 септември. Ова е прв пат од страна на општината и на еден градоначалник, да се додели ваква помош за некое училиште во тој износ, што претставува и сигнал дека доаѓа подобро време за образованието и подобрување на условите во кои што работиме, а кои се навистина лоши“, рече директорот на училиштето Владимир Роме.
По реновирањето на кабинетот по физика и кабинетот по електроенергетика, тие ќе бидат опремени со едукативна опрема која е веќе набавена во вредност од 5500 евра, донација од Германска амбасада, каде партнер е и Општина Битола. Ова прво поголемо реновирање на зградата на средното општинско техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ во Битола, изградена пред повеќе од 30 години.