Земајќи ги во предвид барањата на бизнис секторот и зголемените инвестиции во старата индустриска зона во Битола, во следната градежна сезона во 2023 година, ќе се изврши целосна реконструкција на ул. „Индустриска“ (ул. „Бурса“) во Битола.
Ова го потврди градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, кој го посети новиот објект на компанијата „Симпекс“ од Битола. На средбата со првите лица од компанијата, градоначалникот истакна дека општината е секогаш отворена за соработка и пред се поддршка на потребите на локалните стопанственици, кои работат и егзистираат на територијата на нашата општина. Пристапот до стариот индустриски дел од градот е навистина горлив проблем за голем дел од компаниите на оваа локација. Од тие причини, посочи градоначалникот Коњановски, веќе следната година ул. „Индустриска“ ќе се реконструира со средства од Светска банка, наменети за реконструкција на улици и патишта.
Претставниците од компанијата „Симпекс“ го запознаа градоначалникот со планот за работа и инвестирањето на оваа локација, како и со важноста од обезбедување на соодветен патен пристап до локацијата, како неопходен за нивно делување.
Реконструкцијата на коловозот на ул. „Индустриска“ е во должина од 2410 метри, на потегот од ул. „Иво Лола Рибар“, до пред базата на „Гранит“, а ќе опфати решение на делот на одводнувањето и заостанатите атмосферски води, што е честа појава на оваа локација. Улицата опфаќа дел од поранешната индустриска зона на град Битола, каде што беа лоцирани поранешните фабрики Фрижидери, Металец, Битолска Пивара, Битолатекс и други.
Голем број компании и инвеститори, изминатите години покажаа интерес за вложување во нови објекти, или реконструкција на веќе постоечките објекти, така што на овој потег работат и егзистираат голем број мали и средни претпријатија, на кои што општината се залага да им обезбеди соодветни пристапни услови.