РЕКОНСТРУКЦИЈА НА СПОРТСКАТА САЛА ВО ОУ КОЛЕ КАНИНСКИ

РЕКОНСТРУКЦИЈА НА СПОРТСКАТА САЛА ВО ОУ КОЛЕ КАНИНСКИ

Градоначалникот на Општина Битола денес го посети основното училиште Коле Канински, каде во тек се активностите за реконструкција на спортската сала во училиштето кое важи за училиште од каде што излегле голем број познати спортисти. Новата учебна година, за учениците од ова училиште ќе донесе нови модернизирани услови за спортување и едукација, а во насока на правилен психофизички развој на младите ученици. „Во пресрет на учебната година, со директорите разговаравме во насока на подобрување на условите во училиштата во училишните згради и околу нив. Ова е еден поголем проект кој го најавивме уште кога ја започнавме реконструкцијата на Спортската сала „Младост“, кога најавивме дека паркетот од таа спортска сала ќе биде поставен во две наши училишта. Овој проект, ќе биде комплетно реализиран до средината на септември, така што одржувањето на првите часови по физичко воспитување на отворено, ќе овозможи дополннително да извршиме преместување и на осветлувањето во спортската сала. Тука ќе има нов паркет и комплетно нови услови. Со вакви реконструкции ќе продолжиме и во други училишта, онаму каде што ќе има потреба.“, изјави градоначалникот на Општина Битола, д-р Владимир Талески, на денешната прес конференција во училиштето „Коле Канински“, кој потсети на тековните инфраструктурни активности кои се одвиваат на повеќе улици, меѓу кои: Кузман Јосифовски, Големо Езеро, поранешната касарна, како и подготвителната фаза за почеток на реконструкцијата на просторот пред управната зграда на Градскиот пазар. Реконструкцијата на Спортската сала во ОУ Коле Канински, опфаќа поставување на нов паркет во салата во вкупна вредност околу 700 000,00 денари. Инвеститор е Општина Битола, која во изминатиот неколкумесечен период инвестираше и во комплетна  реконструкција на Спортската сала „Младост“, како и во реконструкција на спортската сала во основното училиште „Елпида Караманди“.