Уште еден крупен проект на локалната самоуправа, наскоро ќе биде успешно завршен. Со досегашните реализирани активности, спортската сала „Младост“ доби нов начин на затоплување, игралиште со димензии според европски стандарди, реконструирано гледалиште, нови столчиња. Вкупната инвестиција на инфраструктурните активности кои се реализираат во објектот изнесува половина милион евра.
„Во завршна фаза е поставувањето на столчињата. Не случајно ја одбравме бојата, зелено – бела, бојата на Пелистер. Со сите реализирани активности, мислам, дека, салата, навистина добива еден нов лик. Во текот на утрешниот ден, ќе биде донесен и новиот семафор, кој што ќе биде поставен во салата, а со тоа првиот дел од реконструкцијата, на некој начин, ќе се заокружи. Продолжуваме понатаму, во идниот период, ќе бидат средени и ходниците, соблекувалните и вториот дел од тоалетите. Санирана е и кровната конструкција, така што, имаме навистина нови услови, кои придонесуваат спортската сала „Младост“, да изгледа одлично“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески, изразувајќи верување дека, сите досегашни активности во овој објект, ќе бидат на задоволство на сите натпреварувачки екипи, како и гледачи, навивачи и поддржувачи на спортот во Битола.
На денешната прес конференција, градоначалникот Талески, ја информираше јавноста и за активностите кои интензивно се реализираат во насока на обезбедување услови за играње на фудбалски натпревари и во Битола, во периодот додека трае реализацијата на уште еден голем проект – изградба на северната трибина на стадионот под Тумбе кафе. Покрај инвестициите во спортот и спортските објекти, општината активно работи и на реализација на други инфраструктурни проекти.