Во организација на Комората на овластени архитекти и овластени инжинери во соработка со Националниот комитет на Меѓународниот совет за споменици и локалитети, денеска во Битола се одржа настан на тема: Регулирање на градењето во градски јадра прогласени за споменички целини. На стручната дебата, свое обраќање имаше градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој изрази верување дека, ваквите настани ќе придонесат за унапредување на законската регулатива која се однесува на ова прашање.
„Регулирањето на градењето во старото градско јадро на Битола е еден од предизвиците со кои се носи градот и секое унапредување на регулативата е добредојдено за сите чинители. Градот на конзулите, е пребогат со објекти кои говорат за минато, за традиција што оставила такви траги низ времето и во просторот што ние мораме да направиме сѐ што е потребно да се спасат од забот на времето. Културниот идентитет на Битола не може да се замисли без старото градско јадро и неговата заштита, кое пак не може да остане одржливо ако не се развива. Балансот помеѓу заштитата и развојот, најдобро можете да го одредите Вие, професионалците, а ние политичарите сме тука за да Ве сослушаме, а потоа заеднички да ги спроведуваме политиките што ги препорачуваат експертите.
Моите очекувања од стручната дискусија се насочени во правец на усогласување на регулативата и поедноставување на постапките што го регулираат градењето во Старото градско јадро во Битола, без притоа да се влијае на културниот идентитет на градот. Верувам во капацитетите на Комората и ИКОМОС Македонија, како стручни тела, дека во соработка со стручните институции и професионалците во нив можат да одговорат на предизвикот. Се надевам дека Законодавецот ќе ги препознае капацитетите на чинителите и ќе излезе во пресрет, со цел унапредување на регулативата.
Затоа, посакувам успешна стручна дискусија од која ќе произлезат конструктувни дискусии и конструктивни заклучоци, во насока на подобрување на состојбите“, рече градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, во своето обраќање пред присутните на денешниот настан.
На денешниот настан, беше потпишан и Меморандум за соработка помеѓу Комората на овластени архитекти и овластени инжинери и ИКОМОС Македонија.