Во Битола денес се одржаа повеќе тркалезни маси, средби, работни состаноци и регионален форум, на кои градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, директорот на Регионалната стопанска комора Мирко Велковски, вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи, министерот за индустрија и трговија на Република Чешка Јозеф Сикела, претставник на Одборот на индустрија и транспорт од Чешка, како и голем број стопанственици од оваа држава и Пелагонискиот регион, разговараа за развојот на бизнис соработката и можните економски партнерства помеѓу двете држави.
На тркалезните маси, градоначалникот имаше можност да се сретне со претставниците на бизнис секторот и регионалните стопански комори од двете земји, да разговара со претставници на компанијата DATmoLUX и електронската компанија „Кадлец“, а учествуваше и на средбите со министрите за земјоделство на двете држави.
Во своето обраќање на Регионалниот форум, градоначалникот Коњановски изрази посебна благодарност за активната вклученост на соработниците и претставниците од Регионалната стопанска комора, кои секогаш се силна и неопходна поддршка за надминување на економските предизвици и имплементација на иновативни решенија.
„Ваквата средба е од посебно значење за сите нас, пред се поради можностите за подобро запознавање, потенцијална соработка и секако економски раст преку отворен дијалог, размена на идеи, меѓусебна соработка и градење на силни партнерства кои водат кон одржлива и просперитетна иднина.
Битола, навистина има многу што да претстави и понуди, како од аспект на изготвена документација за повеќе проекти, така и од страна на можности за потенцијални инвестиции, што секако ќе биде презентирано за време на средбата и очекувам да поттикне на дискусија, но и на нови форми на поврзување и споделување на знаења и искуства“, посочи Коњановски.
Од своја страна чешките компании ги претставија своите бизнис идеи пред македонските претставници, а од нивна страна се одржа презентација на проектот е-фарма.