Општина Битола, водејќи се од начелата на законитост и транспарентност, во интерес на битолчани, ја информира јавноста за постапката во врска со Планинарскиот дом Копанки, а која се однесува на решението на Министерството за транспорт и врски, во врска со жалбата на Здружението ПСК Пелистер.
Имено, Министерството за транспорт и врски, решавајќи по жалбата на Здружението ПСК Пелистер, одлучи предметот да го врати на повторна постапка во општината, од формално – правни причини за текот на управната постапка, со одредени насоки за донесување на соодветно решение во однос на легализацијата на Планинарскиот дом Копанки.
Здружението ПСК Пелистер, кое не било имател на бесправниот објект и согласно законот, не може да биде подносител на барање за утврдување на правен статус, погрешно го протолкува решението на Министерството за транспорт и врски и го пренесува на свој начин. Напротив, со решението на Министерството за транспорт и врски уште повеќе се потврдува дека општината е во право што ја оспорува легализацијата на ПД Копанки.
Како што стои во решението, „за утврдување на правен статус на бесправен објект се поднесува барање за утврдување на правен статус на бесправен објект од страна на имателот на бесправниот објект до единицата на локалната самоуправа на чие подрачје е изграден бесправниот објект“. ПСК Пелистер во моментот на поднесување на барањето не бил имател на Планинарскиот дом Копанки, туку располагал со имот во државна сопственост. Од тие причини, немал право да поднесе барање за легализација на Планинарскиот дом Копанки и не може да се впише овој имот во нивна сопственост во Агенцијата за катастар на недвижности.
За сите понатамошни постапки граѓаните ќе бидат навремено информирани.
Копанки е на Битолчани и постапката за негова повторна изградба ќе биде според постоечките законски прописи.