РАКОВОДСТВОТО НА МАЛИОТ БИТОЛСКИ МОНМАРТР НА СРЕДБА СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ

РАКОВОДСТВОТО НА МАЛИОТ БИТОЛСКИ МОНМАРТР НА СРЕДБА СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КОЊАНОВСКИ

Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски оствари средба со претседателката на Малиот Битолски Монмартр Елена Хаџи-Антоновска и претседателот на УО на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ Славчо Неделковски.

Од страна на гостите, градоначалникот беше поканет да биде покровител на 42 издание на светската детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр” која традиционално ќе се одржи во Битола во периодот од 23 – 30 мај. Годинава, од страна на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола беа поканети 25 школи – тимови од 22 држави од цел свет, а во Битола ќе гостуваат екипи од: Хонг Конг-Кина, Израел, Турција, Бугарија, Србија, Индија, Словачка, Полска, Албанија, Романија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Јапонија, Тајланд, Малезија, Русија, Украина, Унгарија, Црна Гора, Португалија и Македонија.

Воедно, на средбата, претставниците на Малиот Битолски Монмартр го информираа градоначалникот за годинешното учество на светскиот ликовен конкурс на УНЕСКО во Франција, каде членови на детското ликовно студио освоија голем број награди и признанија, односно 12 ученици меѓу селектираните и наградените од 70 држави во светот.

Градоначалникот Тони Коњановски ја повтори заложбата за поддршка од страна на општина Битола кон развојот на ликовната уметност како главна дејност на Детското ликовно студио, како и одржувањето на Малиот Битолски Монмартр, манифестација, која претставува своевиден симбол на градот Битола.  За таа намена преку програмата за култура, општина Битола на оваа манифестација и додели 300.000 денари, со што општината останува поддржувач на културните настани кои се промотори на Битола во светски рамки.