Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денес имаше работна средба со новиот ректор на битолскиот универзитет, проф. Д-р Игор Неделковски.
На работниот состанок на кој учествуваа и секретарот на oпштината, Борче Димитровски и претседателката на Универзитетското Студентско Собрание при УКЛО, Симона Наумовска, којашто воедно е член во Локалниот младински совет, беа разгледани можностите за унапредување на взаемната соработка, помеѓу општината и универзитетот.
Соговорниците се сложија за реактуелизирање на летната студентска пракса во општината, взаемна соработка во уредувањето на просторот околу единиците на универзитетот, како и можноста за реализација на иницијативите на Универзитетското Студентско Собрание при УКЛО.
Воедно, со посебен интерес е пристапено кон идејата дипломски, магистерски и докторски трудови на дел од студентите од УКЛО да се изработуваат на теми поврзани со актулни, општинско – комунални проблеми и прашања, за кои УКЛО ќе нуди современи академски и применливи решенија. На овој начин, младите ќе имаат дополнителна можност за активно учество во изготвувањето на решенија за прашањата и предизвиците со кои се соочува општината.
Општина Битола и Универзитетот „Св. Климент Охриски“ – Битола, веќе имаат потпишан Меморандум за соработка.
Со најновото определување на приоритетите на взаемната соработка коишто се од заеднички интерес, се очекува УКЛО да помогне во зајакнување на административниот и стопанскиот сектор во Битола, и од друга страна, со сè поголемата вклученост на студентите во општината да се градат политики насочени кон подобри услови и поквалитетен живот.