За потребите на фаза 3 од проектот за консолидација на земјоделско земјиште во рамки на консолидационото подрачје Егри, се одржа заеднички конултативен состанок на тимот кој го спроведува овој проект, претставници од Секторот за консолидација на земјоделско земјиште, размена и идентификација на земјишни парцели при Министерството за земјоделство и градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.
Целта на средбата е зазокружување на технолошките процеси на консолидацијата, поврзани со проектирање и изведба на инфраструктурни објекти, како и заедничко разгледување и усогласување на процесите и процедурите, релевантни за обезбедување на правно-техничка документација, за реализација на зацртаните проекти.
Градоначалничката Петровска искажа благодарност за вложеноста на тимот, кој го прави овој пионерски чекор на окрупнување на земјоделското земјиште во атарот на селото Егри. Со овој проект е предвидено уредување на каналската мрежа и на патната мрежа, со цел земјоделското земјиште да стане пообработиво од една страна, а од друга неговата вредност да биде поголема.