Во салата на Советот на Општина Битола се одржа презентација на преземените и предвидените активности за реализација на проектот гасификација. Градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска истакна дека според постигнатата динамика, кон крајот на пролетта треба да биде изведен идејниот проект, по што следува издавање на градежна дозвола и поставување на првите цевки во градот.
„Првите конзументи би биле индустриските објекти кои што се наоѓаат на влезот од градот, како Млекарата, Цермат, Земјоделското училиште итн. Со која динамика ќе се продолжи понатаму зависи од многу фактори кои што значат и синхронизација со Владата, меѓутоа цениме дека концептот кој што го гради Општина Битола е здрав и дава добра основа за понатамошна надградба“, рече Петровска.
Презентација на проектот од аспект на управување (проектен менаџмент) со посебен осврт на: проектниот тим, предизвиците, фазите, временската рамка, моменталниот статус и идните чекори даде Владимир Костурски, вработен во општината и задолжен за реализација на проектот гасификација.
„Треба да се изградат над 3 километри гасоводна мрежа во вредност од околу 500.000 евра. Ова се проектантски цени, кои што може да бидат и пониски. Но, реализацијата зависи од многу фактори, тука се временските услови, но и јавните набавки, од кои зависи временската рамка. Се очекува, доколку се оди според предвидените рокови, изградбата да започне во втората половина од оваа година, во месец октомври или ноември. Магистралниот гасовод е пред Битола, што би требало да биде речиси во паралелна изведба и со секундарната мрежа“, посочи Костурски.
Презентација на идејниот проект со посебен осврт на претставување на компанијата „Простор“, содржината на идејниот проект, што е сработено, објаснување на критериумите за избор на трасите, МРС, краток опис на трасите одржа Јордан Јордановски од Куманово, а инфраструктурниот проект со посебен осврт на претставување на ЈПЗУППИ, содржина на инфраструктурниот проект за гасоводот и телекомуникацискиот коридор, водењето на трасите и предизвиците, беше презентиран од Благојче Цветковски од ЈПЗУППИ.