Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, денес имаше средба со Министерот без ресор, Аксел Ахмедовски, на која беше разговарано за стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите, донесена од Владата на Република Македонија, а која се однесува на делот, каде што живее ромското население во Битола. Во таа насока, во Битола се спроведува проектот за подобрување на состојбата со снабдување со електрична енергија на Ромите во населбата Баир. Веќе е завршен првиот дел, во кој се инвестирани 2,5 милиони денари, при што поставени се нови линии, а подобрени се и веќе постоечките, а во тек е приклучувањето на домаќинствата на електричната мрежа.
Во втората фаза за чија реализација ќе бидат инвестирани над 3 милиони денари, заеднички средства со ЕВН, треба да се изгради нова трафостаница и да се изврши реконструкција на постојната електрична мрежа, во делот на ул.Караорман. Исто така, беше разговарано за преземање на други активности во врска со подобрување на состојбите и решавање на одредени проблеми со кои се соочува населението од овој дел на градот.