ПРОДОЛЖУВА ПОДОБРУВАЊЕТО НА УСЛОВИТЕ ВО СОУ ГИМНАЗИЈА „ЈОСИП БРОЗ ТИТО“

ПРОДОЛЖУВА ПОДОБРУВАЊЕТО НА УСЛОВИТЕ ВО СОУ ГИМНАЗИЈА „ЈОСИП БРОЗ ТИТО“

Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денеска ја посети Гимназијата „Јосип Броз – Тито“, каде ова лето се одвиваат интензивни работни активности, со цел подобрување на условите за учениците и вработените во училиштето.
Работата во објектот започна по завршувањето на учебната година, со внатрешно реновирање на училиштето, а во текот на летото се работи на промена на сите врати, кои се стари повеќе од еден век, реконструкција на ходникот на вториот кат со поставување на нови плочки, како и подготовка на нов, современо опремен хемиски кабинет. Инвестицијата за мебел во кабинетот изнесува 518 140 денари, додека за промена на вратите и реконструкција на подовите се инвестираат 2 844 326 денари.
Директорката на училиштето, Лидија Споа, нагласи дека менаџерскиот тим е насочен кон постојано вложување во создавање на подобри услови за учениците и професорите, кои во континуитет бележат видливи резултати, кога станува збор за постигнувањата на учениците од ова училиште на општинските, државните и меѓународните натпревари. Токму затоа, особено е значајно условите во кои се одвива наставата да бидат подобрени, во насока на создавање позитивна и мотивирачка атмосфера.
Реновирањето во СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Битола, се реализира со поддршка од Општина Битола и Министерството за образование и наука.