ПРОГРАМА 4 НОЕМВРИ: ИЗЛОЖБА „ОПЕРА, ДРАМА, БАЛЕТ“ НА БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ

ПРОГРАМА 4 НОЕМВРИ: ИЗЛОЖБА „ОПЕРА, ДРАМА, БАЛЕТ“ НА БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ

Синоќа во Офицерскиот дом, во рамките на програмата за одбележување на 4 Ноември, Денот на ослободувањето на Битола, во организација на општина Битола, беше отворена изложбата на Благој Мицевски „Опера, драма, балет“. Изложбата се фокусира на проекти реализирани во последната декада со автори кои најмногу влијаеле и ја одбележале работата на Мицевски во тој период.

Пред присутните се обрати градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, а изложбата ја отвори директорката на Културно информативниот центар, Лили Бошевска.

Авторот на изложбата Мицевски, појасни дека изложбата се состои од два дела, едниот изложени костими од Битолскиот театар од претстави по дела на Шекспир и другиот дел, триесет фотографии во голем формат кои ја претставуваат неговата работа кај нас и во светот.Особено е истакната соработката со Диего Де Бреа, режисер од Словенија, со кого соработувал при реализација на опери во Братислава и Љубљана, како и на голем број театарски претстави во Битола, Скопје, Белград, Цетиње и Сараево, како и со Џон Блондел, режисер со кого соработувал на повеќе претстави, заедно со неговата трупа „Лит Мун“ во Санта Барбара, Калифорнија, но и на претстави реализирани во Битола и во Битолскиот театар.