ПРЕЗЕНТИРАНА ВИЗИЈАТА ЗА РАЗВОЈ НА БИТОЛА

ПРЕЗЕНТИРАНА ВИЗИЈАТА ЗА РАЗВОЈ НА БИТОЛА

По одржаните Форумите на заедницата за Програмата за праведна транзиција, во мај, јуни и јули годинава, денес на завршниот настан од овие форуми, беше презентирана Визијата за Битола, како заеднички документ кој произлегува од размислувањата на заедницата. Во овој заеднички документ, ќе биде пренесено мислењето и ставот на јавниот сектор, образованието, науката, приватниот сектор и невладините организации, како форма за споделување на релевантни информации, прашања и одговори, споделување на мислења и коментари од сите присутни учесници, во заедничка соработка на Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест од Скопје со Општина Битола, по дадените препораки на Министерството за економија и ЗЕЛС

Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, во своето обраќање посочи дел од придобивките од овој процес.

„Постојаната заложба на локалната самоуправа на општина Битола транспарентно и отворено да делува и да работи и овој пат се покажа како исправна алатка, преку која можеше да се слушнат повеќе мислења, искуства и предлози за иднината и визијата на битолскиот регион во процесот на Праведна транзиција.

Се надевам дека во понатамошните работни активности и следни чекори на владините институции, ќе бидат земени во предвид предлозите и сугестиите дадени од базата, односно од потребите на локалната заедница.

Нашите активности се препознати и од меѓународната јавност, што сведочи со голем број учества на претсгавници од општинската администрација и јас како градоначалник, на различни проекти и работилници за Праведна транзиција, обновливи и зелени извори на енергија. Како асоцијативни партнери, дел сме и од УКЛО Колорс мрежата, од каде што општината неодамна имаше можност да добие нови сознанија за обновливите извори на енергија во францускиот град Ле Ман.  Веќе следната недела, секретарот Борче Димитровски ќе го претстави енергетскиот напредок на општината на Панелот 4: Енергија, климатски промени и декарбонизација, на Форумот на граѓанско општество и тинк тенк, во организација на Здружението на Југоисточна Европа и Институтот Аспен Германија во рамките на Берлинскиот процес, со поддршка од германското Сојузно Министерство за надворешни работи.

Почитувани присутни, високо на листата на нашите приоритети како општина е да се овозможат зелени вработувања и останувања на младите во својот град. Но не само декларативно, туку чекор по чекор, овозможувајќи подобри услови за живот, работа и поквалитетна животна средина. За целосен напредок, потребно е заедничко залагање на сите нас, како заеднички чинители на нашето подобро утре“, рече Коњановски.

Визијата за Битола беше презентирана од страна на Елена Николовска, раководителка на Програма за клима на Екосвест, а свои обраќања имаа и Емилија Сарафска, советник за енергетика, енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија во Општина Битола и Жарко Конески, раководител на Програма за енергија од Екосвест.  Во модерираната панел дискусија, искуствата на засегнатите чинители ги пренесоа Мери Нашоку од МКЦ Битола, Никола Димковски од Регионална комора Битола и Владимир Китановск од Научен институт за лидерство и наука.