ПРВА РАБОТНА ПОСЕТА НА МИНИСТЕРОТ БОЧВАРСКИ НА БИТОЛА

ПРВА РАБОТНА ПОСЕТА НА МИНИСТЕРОТ БОЧВАРСКИ НА БИТОЛА

Првата работна посета од застанувањето на чело на Министерството за транспорт и врски во друг град, министерот Благој Бочварски ја реализираше во Битола. Заедно со градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, извршија увид во тековните проекти кои се изведуваат со заедничко финансирање на министерството и општината.

„Се фокусираме на капиталните проекти кои ќе ја раздвижат економијата на целата држава, а ќе дадат и сериозен импакт на развојот на Битола и на целиот регион. На ул. Партизанска правиме увид на реализацијата на атмосферската и фекалната канализација, проект кој се реализира со средства од Министерството за транспорт и врски, но и со кофинансирање на Општина Битола. Ова е сериозна артерија, која по решавањето ќе даде сериозни резултати. Решаваме суштински проблеми за потребите на граѓаните,  во 21 век суште има делови од градот кои што не биле третирани, а денес имаме и реконструкција и изградба на целосни инсталации. Тука е и улицата „Илинденска“ и „АСНОМ“, но и уште еден атмосферски канал кој ќе биде финансиран од МТВ, како суштинска потреба за граѓаните. Овде сум да воспоставиме сериозна комуникација, не треба само да решаваме проблеми, туку заедно со градоначалниците и да ги пресретнуваме проблемите и пред да се случат да ги отстрануваме“, рече министерот Бочварски, при увидот во градежните работи на улицата „Партизанска“.

Градоначалничката Петровска истакна дека динамиката на изведба на улиците со оглед дека се влегува длабински и до 7,5 метри при поставување на соодветна канализациона и водоводна мрежа, се одвива според предвидените рокови. Досега се завршени 70% од поставување на атмосферската канализација, додека фекалната е изведена со 100%.

„Само за двата инфраструктурни проекти на ул. „Партизанска и „Илинденска“, кои што јас ги сметам за капитални по самата инвестиција од аспект на учество на двете страни, Оштина Битола вложи 900.000 евра, а Министерството за транспорт и врски 650.000 евра, што го покажува и потврдува партнерскиот однос на министерството и општината граден и во изминатиот период и нешто што дава потврда и за натамошни проекти. И проектот кој што е одобрен за каналот кај стадионот, ни дава можност за реализација на ул. „Крушевска република“, која ќе донесе големо сообраќајно растеретување. На ул. Илинденска се одвиваат активности на 10 делници, едната е веќе со затворен коловоз, три со завршена фекална и атмосферска канализација и се изведува тампонирање, по што ќе се асфалтираат. Мора да се делува по делници, бидејќи должината на улицата е над 2,1 километар. Тоа се багерите за кои што зборувавме и тие кои што сакаат да ги видат, без да гледаат со зли намери, како граѓани, можат да ги видат“, посочи Петровска.

Претходно на работната средба во кабинетот на градоначалничката Петровска, беа договорени натамошните активности и проекти за реализација помеѓу Министерството за транспорт и врски и локалната самоуправа на Општина Битола.