ПРВА КОНФЕРЕНЦИЈА ОД ПРОЕКТОТ „ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ НА ЕНЕРГИЈА ЗА ГРЕЕЊЕ ВО БИТОЛСКИОТ РЕГИОН“

ПРВА КОНФЕРЕНЦИЈА ОД ПРОЕКТОТ „ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ НА ЕНЕРГИЈА ЗА ГРЕЕЊЕ ВО БИТОЛСКИОТ РЕГИОН“

Денес во Битола, се одржа Првата конференција во рамките на проектот „Обновливи извори на енергија за греење во Битолскиот регион“ кој го спроведува ГАУС Институтот – Фондација за нови технологии, иновации и трансфер на знаење од Битола, во партнерство со Фондацијата „100 проценти од обновливи извори” од Берлин, Германија.

Главната цел на проектот е да изработи физибилити студија за пренамена на изворот на енергија за системот за централно греење во Битолскиот регион (кој што е во фаза на изградба) во обновливи извори. Студијата ќе послужи како основа за идни инвестициски активности во системот за централно греење во Битолскиот регион и зголемување на свесноста за користењето на обновливи извори за енергија.

На денешната конференција свое обраќање имаше и градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој истакна:

„Како локална самоуправа и ние сме свесни за значењето на обновливите извори на енергија.

Во процес сме на поставување на фотоволтаици на три средни училишта и шест основни училишта и се надевам дека до крајот на оваа календарска година, сите ќе бидат ставени во функција.

Веќе функционираат поставените фотоволтаици на подрачното основно училиште Даме Груев во селото Долно Оризари, бидејќи за нас е важно руралните средини да имаат исти услови за раст и развој на децата, со цел да се намали миграцијата град-село.

Од своја страна, општината изминатите години работи на многу проекти со кои се подобрува енергетската ефикасност и се движи во нагорна линија на подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на животната средина.

Нашата стратегија е што повеќе да ја направиме општината, односно јавните општински објекти енергетски поефикасни, а во исто време и да се намали потрошувачката на електрична енергија.

Во таа насока, општината неодамна потпиша договор со Делегацијата на Европската Унија и УНОПС,  во рамките на програмата „ЕУ за чист воздух“. Со овој проект во следните три години ќе се заменат старите системи на греење во неколку објекти – училишта или градинки, а ќе се засадат и голем број садници на одредени делници во градот, со што ќе се намали загадувањето на воздухот.

Во процес сме на поставување на фотоволтаици на три средни училишта и шест основни училишта и се надевам дека до крајот на оваа календарска година, сите ќе бидат ставени во функција.

Веќе функционираат поставените фотоволтаици на подрачното основно училиште Даме Груев во селото Долно Оризари, бидејќи за нас е важно руралните средини да имаат исти услови за раст и развој на децата, со цел да се намали миграцијата град-село.

Во тек е реализација на проект со УСАИД, преку кој ќе обезбедиме техничка документација за енергетски ефикасни училишта и градинки.

За прв пат, општина Битола спроведе субвенционирање и поддршка во вредност од 3.000.000 денари преку проектот „Енергетски ефикасни домови“ за колективните згради во 2022 година, постари од 30 години, со реновирање на надворешните фасади на зградите и овозможување зголемена енергетска ефикасност на жителите на станбените објекти. По првиот објавен повик, субвенционирани беа 4 колективни згради. И во 2023 година, со истата сума од 3.000.000 денари од Програмата за заштита на животната средина субвенциониравме колективни згради, во рамките на проектот „Енергетски ефикасни домови“.

Во 2022 година, субвенциониравме и набавка на велосипеди во вредност од 1.000.000 денари, а истата сума ја имаме предвидено и за годинава, повторно за субвенционирање на велосипеди.

Клима уреди за граѓаните субвенциониравме минатата 2023 година со 4.000.0000 денари, а годинава повторно ќе реализираме нов повик во вредност од 2.000.000 денари.

Минатата година за прв пат субвенциониравме дограма за домовите на граѓаните во вредност од 1.600.000 денари, а за оваа година за истата намена се предвидени 2.000.000 денари.

Формирано е меѓуопштинско јавно претпријатие за превоз на општините Битола, Новаци и Могила, со што ќе се даде активен придонес кон намалувањето на загадувањето од моторните возила.

Почитувани, градот Битола е на само 12 километри од објектот од стратешко значење за државата во однос на производство на електрична енергија, РЕК Битола. Од него,  ја пропуштивме шансата во изминатите 40 години, градот да биде поврзан на топлинска енергија. Затоа е добро да се гледа визионерски во иднината и да се бараат зелени решенија за идниот топловод. Да се бараат нови проекти и развој на локалната економија во правец на овозможивање на зелени вработувања и останувања на младите во својот град.  Општина Битола секогаш ќе ги поддржува квалитетните проекти кои што даваат свој придонес за подобро утре на заедницата“, рече градоначалникот Коњановски.

За значењето на проектот, говореше проф. д-р. Игор Неделковски, ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола и ко-основач на институтот GAUSS, а Искуствата од енергетската транзиција во Германија, ги пренесе  Харалд Уфхоф, Извршен директор на Фондацијата „100 проценти од обновливи извори”. За технологии со големи топлински пумпи за централно греење, говореа м-р Весна Неделковска, проектен менаџер во ГАУС Институтот и м-р Франциско Белтран, експерт на Еко Ресет, додека Првичната анализа на податоците за топлификацискиот систем во Битола, ја пренесоа Горан Неделков, д-р Нелсон Сомерфилд и Пецо Ристевски, експерти на Еко Ресет.

Проектот „Обновливи извори на енергија за греење во Битолскиот регион“ е дел од Европската климатска иницијатива EUKI – инструмент за финансирање на проекти од германското Сојузно Министерство за економски прашања и климатски активности (BMWK). Конкурсот EUKI за проектни идеи го спроведува Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) GmbH. Главна цел на EUKI е да ја поттикне климатската соработка во рамките на Европската унија (ЕУ) со цел да се ублажат емисиите на стакленички гасови.