По повод Денот на заштитникот на градот „Свети Нектариј Битолски“, денес градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, ги додели наградите на најуспешните и талентираните ученици од основните и средните училишта во градот. На јавниот повик, објавен од општината, беа пријавени 97 ученици, од кои 78 беа наградени. Наградувањето на учениците, општината го реализира втора година по ред, за што годинава од општинскиот буџет издвоени се над 300.000 денари.
Градоначалникот Коњановски, честитајќи им го денешниот празник, им посака многу нови успеси пред се на учениците, но и на родителите, наставниците и директорите:
„Вашиот труд, драги ученици, секогаш заслужува да биде награден и соодветно поттикнат, затоа што само на тој начин, сите заедно ќе успееме да постигнеме големи резултати, во градот во кој живееме.
Како што заштитникот на нашиот град, Преподобен Свети Нектариј Битолски, се борел против човечката завист и демонските напади, посакувам сите Вие, како млади луѓе кои зрачат со позитивна енергија, многу знаења и голем креативен потенцијал, да бидете идни промотори на добрите дела, секој во областите во кои ќе се насочите и професионално ќе делувате, но и воопшто во животот.
На сите родители, наставници и директори, сакам да Ви се заблагодарам за Вашата посветеност, педагошки и мотивациски пристап со што истовремено се грижите за едукативниот, но и за воспитниот сегмент во изградбата на младите личности.
Верувам дека, ова ќе биде нов поттик за надградување на творечкиот потенцијал на сите ученици кои учат во нашите основни и средни училишта, затоа што со исполнување на високите критериуми, сите поставуваме високи цели, кон кои продолжуваме да се стремиме со активна работа“, рече градоначалникот Коњановски во своето обраќање.
Програмскиот дел на денешниот настан беше збогатен со читање на Тропарот за Свети Нектариј од страна на Јована Атанасовска, додека Житието за Свети Нектариј го презентираше Нектарија Илиевска. Државното музичко училиште се претстави со следните точки: 1. Scherzo op.31 no.2 – F.Chopin во изведба на Димитриј Стојчевски III клас, класа пијано, проф.д-р Татјана Божиновска и 2. “Mamma” – C. A. Bixio во изведба на Јана Блажевска IV клас, класа соло пеење, проф.м-р Маја Митровска, пијано придружба, проф.Доминика Робе Поповска.
Од Гимназијата „Јосип Броз Тито“, настапија учениците кои ја сочинуваат групата „Tsar Von Time“.