ПО ПОВОД ДЕНОТ НА РЕТКИ БОЛЕСТИ: БЛАГОДАРНОСТ ДО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЗА ИНИЦИЈАТИВАТА СО КОЈА ЛИЦАТА СО РЕТКИ БОЛЕСТИ ДОБИЈА ПОДДРШКА ОД ОПШТИНАТА

ПО ПОВОД ДЕНОТ НА РЕТКИ БОЛЕСТИ: БЛАГОДАРНОСТ ДО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЗА ИНИЦИЈАТИВАТА СО КОЈА ЛИЦАТА СО РЕТКИ БОЛЕСТИ ДОБИЈА ПОДДРШКА ОД ОПШТИНАТА

Здружението „Хепар центар“ и Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици, во пресрет на 28 февруари, Денот на ретки болести, доделија благодарници за поддршката обезбедена од Општина Битола и останатите институции, за овие лица.
На иницијатива на градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, со ребаланс на буџетот беа обезбедени 1.000.000 денари за лицата со ретки болести, а оваа година таа поддршка веќе стана дел од Програмата за социјална заштита на Општина Битола. Иницијативата на градоначалникот Коњановски, произлезе после одржаниот состанок со здруженијата во мај 2023 година, со цел согледување на нивните потреби и проблемите со кои се соочуваат, како и овозможување на локална поддршка, додека се чека спроведување на повеќе решенија на национално ниво.
Обезбедените 1.000.000,00 денари за лицата со ретки болести се доделуваат преку јавен повик за покривање на дел од патните трошоци со кои тие се соочуваат при нивните чести посети до клиниките надвор од Битола.
„Ни претставува огромна чест да се заблагодариме на посветеноста на Општинa Битола, на градоначалникот Тони Коњановски, секретарот Борче Димитровски, Советот на општина Битола и директорката на гимназијата Јосип Броз Тито Лидија Споа за неверојатната соработка. Ова е партнерство кое трае повеќе од 6 години помеѓу „Хепар Центар“ Битола, Здружението „Живот со предизвици“, учениците и раководството на Гимназијата Јосип Броз Тито, а заедничката вклученост во активностите за подигнување на свеста кај младите и граѓаните на нашиот град доведе до оваа благородна иницијатива која успешно се реализираше за да им се помогне на најранливите категории, на лицата со ретки болести. Ова е пример како на локално ниво може да се поддржи подобар живот за семејства со ретки болести. Секој чекор е важен и заедно можеме да постигнеме позитивни промени. Планираме наредни активности за подобрување на квалитетот на живот на семејствата со ретки болести“, истакнаа Весна Алексовска од „ Живот со предизвици“ и Милан Мишковиќ од „Хепар Центар“ Битола.
Во општина Битола, регистрирани се околу 30 лица со ретки болести. Градоначалникот Коњановски, нагласи дека општина Битола, согласно својата надлежност, ќе продолжи да биде поддржувач за овие лица, како со конкретни мерки, така и со поддршка на нивните иницијативи.