Откако општината ја обезбеди потребната документација од државните институции, од денес започнаa градежните активности за реконструкција на Мостот кај Безистенот. Согласно склучениот договор за проектирање и изведба, активностите треба да бидат завршени за 20 работни дена, по што ќе следува период од 28 дена за постигнување на потребната цврстина на бетонот, пробно товарање и пуштање во употреба.
Проблемот со мостот, од страна на градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и неговиот тим, беше констатиран уште првиот ден од преземањето на градоначалничката функција. Иако, локалната самоуправа започна веднаш со подготовка на документација, постапките низ државните институции се одвиваа четири месеци.