ПОЧИТУВАЊЕ НА МЕРКИТЕ ЗА ЗАШТИТА ОД КОВИД 19

ПОЧИТУВАЊЕ НА МЕРКИТЕ ЗА ЗАШТИТА ОД КОВИД 19

На иницијатива на Градоначалничката м-р Наташа Петровска, денес состанок одржа кризниот штаб на Општина Битола. На состанокот беа разгледани актуелните состојби со КОВИД 19, при што беа елаборирани податоците од здравствените институции, како и соодветното постапување од страна на јавните претпријатија и полицијата во координација со надлежните инспекторати. Охрабрувачки е фактот што денес е 12 ти ден, без новозаболени од коронавирус во нашата општина, што секако се должи на одговорноста на граѓаните во изминатиот период, соодветното постапување на Општина Битола во соработка со јавните претпријатија и пред се подготвеноста на здравствените институции соодветно да одговорат во случаите на лекување, препораки, превенција и заштита од ширење на пандемијата во нашата општина.

За да се задржи ваквата состојба и во понатамошниот период, Градоначалничката м-р Наташа Петровска и општинскиот кризен штаб, апелираат до граѓаните и понатаму одговорно и совесно да се однесуваат, исполнувајќи ги обврските за носење заштитна маска, почитување на социјална дистанца и редовно одржување на хигиена на рацете. Посебно одговорно однесување е потребно во маркетите, угостителските објекти, пазарите, односно секаде каде што има зголемена фреквенција на луѓе.

Покрај редовното постапување на МВР во сите случаи, каде што ќе биде забележано несоодветно однесување на граѓаните, градоначалничката Петровска, побара во следниот период да биде зголемена одговорноста и постапувањето и од страна на општинскиот комунален инспекторат, пазарната инспекција, државниот здравствен и санитарен инспекторат и останатите надлежни инспекторати. Целта на ваквото делување е да се преземат сите потребни чекори за спречување на ширењето на пандемијата во нашата општина.