ПОЧЕТОК НА ПРОЕКТОТ „ПОДДРШКА ЗА РЕШАВАЊЕ НА ПРИВАТНО-ЈАВНАТА СОСОПСТВЕНОСТ СО ЦЕЛ  ПОДОБРУВАЊЕ НА УПРАВУВАЊЕТО И ВЛАДЕЕЊЕТО СО ЗЕМЈОДЕЛСКОТО ЗЕМЈИШТЕ ВО ПЕЛАГОНИСКИОТ РЕГИОН’’

ПОЧЕТОК НА ПРОЕКТОТ „ПОДДРШКА ЗА РЕШАВАЊЕ НА ПРИВАТНО-ЈАВНАТА СОСОПСТВЕНОСТ СО ЦЕЛ ПОДОБРУВАЊЕ НА УПРАВУВАЊЕТО И ВЛАДЕЕЊЕТО СО ЗЕМЈОДЕЛСКОТО ЗЕМЈИШТЕ ВО ПЕЛАГОНИСКИОТ РЕГИОН’’

Во Салата на Советот на Општина Битола, денес се одржа почетна работилница за презентација на целите и планираните активности во рамките на Проектот на ФАО и МЗШВ, насловен: „Поддршка за решавање на приватно – јавната сосопственост со цел подобрување на управувањето и владеењето со земјоделското земјиште во Пелагонискиот регион“. На настанот свои обраќања имаа: министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и Мортен Хартвигсен, претставник од Регионалната канцеларија на ФАО за Европа и Централна Азија.

Во својот говор, градоначалникот Коњановски, посочи дека Пелагонија, навистина има голем земјоделски потенцијал, но и многу предизвици за земјоделците:

„Особено ми е драго што ја добиваме оваа поддршка од ФАО и Министерство за земјоделство, за надминување на долгогодишни предизвици во насока на зголемена продуктивност и подобрена земјоделска ефикасност низ нашиот регион. Со решавање на проблемите со сосопственост помеѓу државата и приватните сопственици, ќе можеме да го поттикнеме целосниот потенцијал на нашето земјоделско земјиште.

Друга активност која во рамки на оваа соработка покажа резултати е демонстрацијата на социо-економското влијание на првиот целосно завршен проект за консолидаија на земјиште во селото Егри, тука во Пелагонија. Оваа успешна приказна не само што ја подобри целосно земјишната структура и земјоделската инфраструктура во Егри, туку стана пример за успешна консолидација и во нашата држава и во меѓународни рамки. Тоа е уште еден доказ за успехот кој го носи тесната соработка помеѓу сопствениците на земјиште, локалните власти, МЗШВ и меѓународни партнери како ФАО во насока на остварување на заедничка цел.

Покрај подобрувањето на управувањето со земјиштето, овој проект отвора пат за поширок земјоделски развој, како пристап до Зелен Климатски Фонд за финансирање на значаен проект за развој на наводнувањето и адаптација на земјоделското производство кон климатските промени во Пелагонија“, рече градоначалникот Коњановски.

Проектот е во рамки на Програмата за техничка поддршка на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО).