ПОТПИШАН МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА ЗА МАПИРАЊЕ НА АЕРОЗАГАДУВАЧИТЕ ВО ОПШТИНАТА

ПОТПИШАН МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА ЗА МАПИРАЊЕ НА АЕРОЗАГАДУВАЧИТЕ ВО ОПШТИНАТА

Општина Битола и Регионалното географско друштво „Геосфера“, денес потпишаа Меморандум за соработка, кој ќе значи соработка и заедничко делување во насока на преземање конкретни чекори во решавањето на најголемиот проблем во општината – аерозагадувањето. „Оваа соработка значи отворање на видикот, на мапата на загадувачи во нашиот град. Во соработка со ова здружение, општинскиот инспекторат ќе добива стручна помош во лоцирање на пунктните места и точки, каде што има загадување во нашата општина. Со ова сметам дека почнуваме со суштински согледувања на проблемите околу загадувањето, затоа што отсекогаш сум била против правење на пропагандни чекори кои не ја менуваат суштината на проблемот. На овој начин, се овозможува согледување од страна на инспекторатот на несовесните граѓани кои вршат палење на материјали кои предизвикуваат загадување на повеќе локации, како и лоцирање на субјекти кои што со чадот кој го испуштаат низ оџаците, дополнително го отвораат прашањето за нивно влијание врз загадувањето. Во овој проект, преку оваа соработка всушност треба да видиме и кои делови на градот во кој период се позагадени“, изјави градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, притоа нагласувајќи дека ова е втор чекор кој го презема градоначалничката по своето доаѓање, а следува после нејзината интервенција и одблокирање на застојот на активностите кај обиколницата во Битола, што исто така е поврзано со загадувањето на воздухот во Битола. Регионалното географско друштво „Геосфера“ од Битола го реализира проектот насловен „Сликај, постирај, алармирај“ со поддршка од Цивика Мобилитас, а негови цели се: подигнување на свеста кај младите за проблемите со аерозагадувањето и штетноста на ПМ честичките врз здравјето на луѓето, како и активно вклучување на граѓаните во идентификација на аерозагадувачите. Оваа соработка на општината со „Геосфера“ се очекува да обезбеди податоци за насочено понатамошно делување кон изворот, кои нема да се базираат на паушални проценки. „Со таа идентификација сакаме да ги алармираме надлежните институции и особено овластениот инспекторат за животна средина за поголемо внимание во одредени области, каде што имаме поинтензивно аерозагадување. Дополнително планираме да вршиме мерења на ПМ честичките на одредени локации низ градот, иако тоа не се професионални уреди, сепак со самото мерење, можеме да постигниме една визуелизација на загадувањето и да видиме кои зони во градот се почисти, а кои позагадени, а во иднина да придонесеме, доколку е можно општината и инспекторатот да направат професионално мерење и да се набават инструменти кои што ќе бидат постојано во функција, особено во месеците кога загадувањето е најголемо“, изјави Мите Ристов, од Регионалното географско друштво „Геосфера“. Професорот Ристов, информираше и дека вклученоста на граѓаните е овозможена преку користење на одредена мобилна апликација и GPS лоцирање, фотографирање на загадувачот, постирање на фотографијата на фејсбук групата „Сликај, постирај, алармирај“, од каде се врши преземање на координатите и се прави интерактивна мапа на google maps. Мапата е достапна за увид од страна на сите граѓани, а ќе претставува и дополнително олеснување за општинскиот инспекторот, каде што во моментот работи само еден инспектор за животна средина.