Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, денес потпишаа два значајни договори, преку кои е дефиниран начинот на реализација и финансирање на активностите за адаптација на дел од објектот на Домот за доенчиња и мали деца во Битола во детска градинка, која ќе биде во состав на ЈОУДГ ,,Мајски цвет“.
„Преку овие два договори, практично, ќе обезбедиме подобра иднина за нашите сограѓани, овозможувајќи им згрижување на нивните деца во објект наменет за детска градинка. Општина Битола ќе финансира 30% од предвидената сума за градежните работи и адаптацијата на објектот, односно околу 4 милиони денари, средства кои се веќе обезбедени од Буџетот и планирани во Годишниот план за јавни набавки, а исто така, општината обезбеди средства за изработка на Проектот за адаптација. Општина Битола со години има долга листа на чекање на деца за прием во детските градинки. Како локална самоуправа, максимално се залагаме да се изнајдат законски решенија, со кои ќе биде надминат овој горлив проблем за родителите, особено за оние кои одат на работа и немаат каде да ги остават своите најмили. Потпишувањето на денешните договори е токму во таа насока, да се обезбеди капацитет од нови 80 места за деца од претшколска возраст.
Присуството на министерката исто така во искористивме за да разговараме и за преостанатите две детски градинки кои се започнати во Битола, а треба да се завршат со поддршка од Министерството за труд и социјална политика, а кои се уште не се реализираат со потребната динамика“, рече градоначалникот Тони Коњановски.
Ваквата инвестиција и е потребна на Битола, истакна министерката Тренчевска и посочи дека ги охрабрува и другите општини да доставуваат проекти за изградба, доградба и адаптација на простори со цел нивно наменување во детски градинки.
„Заедно со општината ќе делуваме во рамките на стратешките определби преку поддршка на активности од јавен интерес за унапредување, промоција и поддршка на политиките за развој на детската заштита. Целта е да придонесеме кон зголемување на опфатот на деца во детските градинки . Како министерство се залагаме за што поголема соработка со општините и унапредувањето на животот на граѓаните да доаѓа токму преку заложбите на локалните самоуправи“, рече Тренчевска.
Предвидениот рок за изведба на градежно-занаетчиските работи на градинката изнесува 10 месеци, сметајќи од денот определен за вовед во работа на изведувачот.