Постапка за основање облици на месна самоуправа

Постапка за основање облици на месна самоуправа

ПОСТАПКА ЗА ОСНОВАЊЕ ОБЛИЦИ НА МЕСНА САМОУПРАВА ВО ОПШТИНАТА

Правниот основ (iustus titulus) за основање облици на месната самоуправа во општината е содржан во  член 82 став 4 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на РМ“ бр. 5/2002) и член 137 став 2 од Статутот на Општина Битола, каде што поблиску се определени облиците на месната самоуправа во општината (во градот и во населените места), нивните односи со органите на општината работите од надлежност на градоначалникот чие што извршување може да се пренесе на претседателот на советот на месната самоуправа за, начинот на обезбедување средства за пренесените работи и други прашања од значење за месната самоуправа.

Граѓаните во општината ги основаат месните заедници врз оснава на уставното право на месна самоуправа, како облик на изразување на нивниот заеднички интерес и заради давање придонес за решавање на нивните секојдневни потреби во непосредната околина на подрачје за кое тие се основани и вклучување во системот на одлучување во локалната самоуправа.

Во општината се создаваат услови за основање на месните заедници, како битен елемент на општината и се овозможува на граѓаните да придонесуваат за нејзино подобро функционирање во целина, непосредно да ги согледуваат проблемите на заедничкиот живот во соседството, да расправаат за можностите за нивно решавање, да донесуваат одлуки и да здружуваат средства, како и непосредно да се ангажираат во спроведувањето на заеднички донесените одлуки.

            Mесните заедници работат во рамките на правата утврдени со Законот и  Статутот на општината, одлуката за основање, и делегираните надлежности од градоначалникот на општината.

Месната заедница ја претставува и застапува претседателот на Советот на месната заедница. Во отсуство на претседателот на советот, месната заедница ја претставува и застапува член на Советот определен од претседателот на Советот.  Во месната заедница во која не се избира Совет, месната заедница ја претставува и застапува претседавачот на собирот на граѓани на месната заедница.

Месните заедници меѓусебно соработуваат заради остварување на нивните заеднички интереси. Месните заедници може заради остварување на заеднички интереси да соработуваат и да здружуваат средства и со месни заедници од подрачјето на други општини во согласност со Договор помеѓу општините.

НАДЛЕЖНОСТИ НА МЕСНИТЕ ЗАЕДНИЦИ

  • разгледување и заземање ставови за прашања од непосредно и секојдневно значење за животот и работата на жителите од тоа подрачје,
  • утврдување предлози за прашањата од непосредно и секојдневно значење за животот и работата на жителите од тоа подрачје,
  • одлучување за одделни прашања што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на општината и органите на државната власт.
  • комуналните дејности (снабдувањето со вода и одведувањето на отпадните води, одржување на хигиената и зеленилото, изградбата и одржувањето на патната мрежа, уредувањето и одржувањето на гробиштата во селата и др.);
  • заштитата на животната средина (заштита од загадување на водата, воздухот и почвата, заштита од прекумерна бучава и др.);
  • урбанистичко уредување на просторот;
  • јавниот превоз на патници;
  • образованието, здравството и социјалната заштита;
  • културни, забавни и спортски манифестации и одржувањето на објектите од јавен интерес;
  • развивањето на добрососедските односи;
  • снабдувањето со стоки и услуги, како и заштитата на потрошувачите;
  • други прашања од секојдневно значење за животот и работата на граѓаните
  • месните заедници вршат и определени работи од надежност на Општината, доколку им бидат доверени од градоначалникот
  • Средствата за вршење на пренесените работи ги обезбедува Општината

ОРГАНИЗАЦИЈА НА МЕСНИТЕ ЗАЕДНИЦИ

Во  месните заедници за вршење на работите од нивна надлежност се организира  Собир на граѓани, може да се формира  Совет, да се свикуваат специјализирани (интересни ) собири и да се спроведува анкета. За формирање на Совет одлучуваат граѓаните со живеалиште на подрачјето на месните заедници. Во месните заедници во кои не  се формира Совет,  работите се вршат преку Собир  на граѓани.

Собирот на граѓани во месните зедници ги извршува следните активности:

  • покренуваат иницијатива до општината за распишување на референдум
  • одлучуваат за формирање Совет и избор на членови на Советот,
  • расправаат и решаваат за други работи утврдени со закон, Статут на Општината и други прописи на општината,
  • разгледуваат проекти од интерес за месната заедница.

 

Советот на месната заедница се состои од 3-7 члена со мандат од 4 години. Советот на месната заедница го предлага, утврдува и избира членовите на на советот.

Надлежности и работни задачи на советот се:

  • донесува Програма и план за работа на месната заедница,
  • донесува одлуки за изградба, одржување и користење на објекти од јавен интерес, кои не се во надлежност на органите на општината или органите на државната власт
  • донесува Деловник за својата работа,
  • поднесува иницијатива за распишување референдум,
  • утврдува предлози за кои граѓаните одлучуваат на собир,
  • се грижи за спроведување на заклучоците на Собирот на граѓаните,
  • именува членови на комисии и други тела на Советот,
  • донесува одлука за свикувањe собир на граѓани и презема активности за нивно одржување,
  • спроведува анкети,
  • соработува со Градоначалникот, Советот на Општината и други органи и организации,
  • врши и други работи определени со закон, Статутот на Општината и други прописи

ПОДДРШКА НА РАБОТАТА НА МЕСНАТА ЗАЕДНИЦА

Месните заедници работите од  своја надлежност ги извршуваат со стручна, техничка и материјална подршка од  општината.

Стручната подршка подразбира подготовка на планови, проекти и други материјали со кои месните заедници покренуваат решавање на  прашања   од интерес на граѓаните на нивното подрачје.

Техичката подршка подразбира составување, обработка и умножување на материјали, употреба на технички средства и помагала за административно работење и комуникација.

Материјалната подршка подразбира обезбедување  работни простории и опрема, надоместоци за комунални давачки и материјални средства за набавка на ситен и потрошен материјал.

 ФИНАНСИРАЊЕ

Работата на месните заедници  се финансира од:

  • Буџетот на општината,
  • средства што граѓаните непосредно ги здружуваат,
  • приходи од имот што општината и го дала на месната заедница на управување,
  • средства што ќе ги отстапат заинтересираните правни и физички лица,
  • подароци и други средства

 

За финансирање на тековните активности месната заедница е должна до крајот на второто тромесечие од тековната година до општината да ги достави годишните потреби на средства за покривање на тековните трошоци. Со програма за финансирање на одредени активности на своето подрачје месните заедници го утврдуваат видот на активностите, го определуваат износот и изворите на средства и ја  определуваат динамика за нивно извршување.

Програмата се доставува до општината во календарската година до крајот на вториот квартал, со предлог за нејзино вградување во буџетот на општината за наредната календарска година. Програмите за кои се обезбедени повеќе од 50% од потребните средства од страна на месните заедници имаат приоритет при утврдувањето на Буџетот на општината.

КОМУНИКАЦИЈА СО ОПШТИНАТА

Месните заедници остваруваат комуникација со општината преку присуство на нејзини  претставници  на средби со  градоначалникот на општината со претседателот на Советот.

Средбите се одржуваат по иницијатива на претставници на месните заедници или по иницијатива на градоначалникот на општината или советот. Претставници на месните заедници можат да  присуствуваат на  седниците на советот особено кога се расправа за прашања кои имаат допирни точки со интересите на жителите од месната заедница.

ИНФОРМИРАЊЕ НА ГРАЃАНИТЕ ВО МЕСНИТЕ ЗАЕДНИЦИ

Советот е  должен  редовно да ги информира граѓаните за покренатите иницијативи, за прашањата за кои непосредно одлучува како и за активностите што ги презема, а што се од значење за граѓаните. Информирањето на граѓаните се врши преку соопштенија истакнати на  погодни места, преку средствата за јавно информирање или друг погоден начин.

Надзор над примената на Правилата за работа на месната заедница врши општината.

Листа на Месни Заедници

Листа на Урбани Заедници