ПОСЛЕДНА СЕСИЈА ОД ПРОЕКТОТ „ЕВРОПА НА ВРАТА“

ПОСЛЕДНА СЕСИЈА ОД ПРОЕКТОТ „ЕВРОПА НА ВРАТА“

Општина Битола деновиве беше домаќин на последната сесија од проектот „Европа на врата“, кој изминатата година се реализираше во шест европски држави, со 11 земји учеснички.

Главна цел на проектот се младите лица, кои преку истражувањата е докажано дека се најголеми евроскептици од една страна, но од друга страна истите се најподложни на  популизам и радикализација. Проектот ги опфаќа и останатите жители на континентот, кои имаат различен пристап кој ЕУ, кај некои расте негативниот став кон ЕУ, а други, како Македонија и Србија, чекаат да бидат дел од неа.

„Целта на проектот е да изградат меѓународни тимови на ниво на цела Европа кои понатаму ќе можат заеднички да ги уриваат бариерите, но и да реализираме следни заеднички проекти. Минатата година учествувавме на конкурсот, а Битола беше избрана заедно со 11 градови и невладини организации од цела Европа. Организиравме 6 работилници , а завршната е во Битола. Од резултататите од работилницата ќе произлезат следни активности и создавање меѓународен тим кој понатаму ќе учествува во нови проекти“, рече Владимир Костурски од Општина Битола.

„Идејата на проектот се наметна пред две години кога почнавме да разговараме што може да правиме заедно, односно да пробаме да видиме која е причината што луѓето од цел континент, од Македонија преку Португалија, Естонија, не се чувствуваат Европјани. Зошто зборуваат за Европа како нешто далеку, нешто туѓо. Кој е начинот да можеме да го разбудиме чувството на припадност на овој континент. Како прва работа која оди со европските вредности е да поминеме низ европските интеграции побрзо и помирно, едноставно да ги развиеме нашите локални заедници. Не да зборуваме како државите го прават тоа, туку локалните заедници. Од Битола добивме многу интересни примери“, посочи Војислав Вујиќ, регионален директор на ЦЕТ Платформа од Република Србија.

Од овој проект веќе произлегоа идеи за продолжување на заедничка соработка која ќе вклучува дел од учесниците на проектот, бидејќи, само на овој начин повеќе може да се разбере интеграциониот процес, но и се ангажираат младите луѓе во процесот.

„Јас сум градоначалник во мала општина во северниот дел на Португалија. Се обидуваме да најдеме заеднички јазик во Европа особено со младите за да изградиме дијалог за да се биде европски граѓанин и градење на заедницата во иднина. Се боревме против разликата меѓу младината и нашите органи и политиката општо. Затоа мислиме дека оваа мрежа е почеток на една долга соработка. Имавме можност за овие 12 месеци да направиме каталог со добри практики и методи, како и алатки за финансирање за идни проекти за соработка каде може да ги шириме европските вредности и да се обидеме да ја доближиме Европа до граѓаните, особено до младите“, изјави Мигуел Карнеиро, од Португалија.

Носител на проектот е локалната самоуправа Вила Боа ду Бишпо од Португалија, заедно со партнерски организации, општини и институции, меќу кои и Општина Битола, како и членки од Бугарија, Полска, Латвија, Србија, Македонија, Италија, Хрватска, Естонија и Романија.