ПОСЕТА НА ЗБРАТИМЕНИОТ ГРАД НИНГБО ВО КИНА

ПОСЕТА НА ЗБРАТИМЕНИОТ ГРАД НИНГБО ВО КИНА

Градоначалникот на Општина Битола д-р. Владимир Талески од 8 до 12 јуни беше во посета на збратимениот град Нингбо во Кина, заедно со првиот  директор на ИЗ „ Жабени „ Трајко Котевски, сегашниот директор на индустриската зона Сашо Илковски и претставник на Стопанската комора, директорот на ЦЕРМАТ Зоран Ристевски.
Во текот на посетата градоначалникот присуствуваше на форумот на градоначалници, каде присуствуваа градоначалници од  16 земји, или како тие го нарекуваат 16 плус 1, што значи 16 земји од Европа плус Кина.
„ Сите кои што присуствувавме имавме можност да се претставиме на некој начин. Но не секој од присутните доби можност да се претстави. Јас ја имав таа среќа, чест и прилика да се претставам пред сите градоначалници кои што бевме од овој дел од Европа, кинеските компании, домаќините и останатите со едно обраќање кое што требаше да значи и значеше претставување на Република Македонија и на Општина Битола. Во таа презентација ние понудивме седум големи проекти и очекуваме во идниов период тоа да го разгледаат, и се разбира доколку најдат начин, интерес или компанија која што би била заинтересирана, да ни се понудат за соработка “ истакна градоначалникот Талески.
Минатата година во декември овие 16 земји и Кина, потпишаа договор за заедничка соработка, кој значи правење на еден голем коридор ЗЕМЈА – КОПНО – МОРЕ, односно договорот кој што е потпишан помеѓу Грција, Македонија, Србија, Унгарија и Кина. Се работи за коридор кој од пристаништето Пиреа во Грција треба да ги соедини сите овие земји, сите овие простори до Будимпешта.
Потпишан беше уште еден документ со градоначалникот на Нингбо Лу Ѕије, за проширување на заедничката соработка помеѓу збратимените градови.
Потоа учествуваа на инвестиционен симпозиум, каде се среќаваа со претставници на стопанските комори. Присуствуваа и на саемот ЕXPO, на кој се претставија 5 компании од Македонија.
Исто така,  го посетија и филмскиот град во Нингбо, и имаа можност да следат сцени од снимањето на филм во француско-кинеска копродукција.

Poseta_Ningbo_15_4 Poseta_Ningbo_15_3 Poseta_Ningbo_15_2 Poseta_Ningbo_15_1 Poseta_Ningbo_15_8 Poseta_Ningbo_15_7 Poseta_Ningbo_15_6 Poseta_Ningbo_15_5 Poseta_Ningbo_15_9