Во присуство на министерот за земјоделство Трајан Димковски, градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, директорот на ЈП „Стрежево“ Методија Граматковски и претставници од релевантни институции од областа на земјоделието, денес се изврши порибување на Стрежевското Езеро со прастрмка и крап.
Министерот Димковски посочи дека значењето на хидросистемот Стрежево е огромно за пелагонискиот регион, бидејќи покрај наводнувањето на околу 5.000 хектари земјоделско земјиште, се изведуваат и други дејности, меѓу кои и производство на сопствена риба.
„Од овој систем се снабдува со сирова вода системот за водоснабдување на градот Битола, а се произведува електрична енергија во четири мали хидроцентрали. Акумулацијата Стрежево како дел од овој систем претставува рекреативна зона каде во убавата природа уживаат жителите на околните места, но и спортските риболовци. Концесијата за управување со водите на езерото од минатата година е во надлежност на ЈП Стрежево. Тие ја оправдуваат довербата и се грижат за рибниот фонд, управување и стопанисување со акумулацијата. Јавното претпријатие со сопствени средства обезбеди подмладок од 6000 единки, кои денеска заедно го пуштивме во овие води“, рече Димковски.
Градоначалничката Петровска истакна дека денешната активност потврдува дека не само што користиме од природата, туку умееме и да враќаме назад кон неа.
„Во оваа прилика сакам да упатам честитки до раководството на ЈП „Стрежево“ и директорот Граматковски за исклучителната успешност во изминатиот период. Соработката со Општина Битола е одлична и она на кое што заедно работиме е разгледување на можностите за користење на технолошка вода во рамките на самиот град“, посочи Петровска.
Порибувањето се реализираше во близина на браната “Стрежево” и Шахтниот преливник на акумулацијата “Стрежево”, со сопствени финансиски средства со подмладок од крап (1000 единки, со единечна маса од 50-800 грама) и пастрмка (5000 единки, со единечна маса од 10-70 грама).
„Денес го реализиравме порибувањето на места кои се најпогодни според стручните лица, за опстанок на младата риба.Чинот на порибување подразбира набавка на специфициран порибителен материјал, негов транспорт во адекватни контролирани услови од репроцентарот до предвидената локација и безбедно испуштање во риболовната вода” рече директорот на ЈП „Стрежево“, Методија Граматковски.