Во рамките на годишната програма за социјална заштита на Општина Битола за одбележување на значајни датуми, со приемот во кабиентот на градоначалничката Наташа Петровска на членови на Хепар Центарот од Битола во партнерство и соработка со гимназијата „Јосип Броз Тито“ и здружението „Живот со предизвици“, беше одбележан Денот на ретки болести.
На средбата, претставниците ги образложија досегашните активности и сознанијата за ретките болести и стигмата која владее во однос на нив. Речиси 90% од ретките болести не се ниту заразни, ниту преносливи и токму затоа пред се младите влегуваат во една отворена кампања, претежно насочена кон нивните другари и соученици, во насока на информирање и проширување на знаењата, се со цел да не се отфрлаат децата во нивната околина, доколку се носители на некоја ретка болест.
Градоначалничката на Општина Битола побара да бидат обезбедени бројки на лица со ретки болести во градот, со цел локалната самоуправа да може повеќе да делува кон централната власт во нивното третирање. Исто така, таа побара од младите да бидат иницијална каписла за пристап до своите соученици и другари, да бидат носители на нови вредности и димензии, без да бидат обременети со товарот на повозрасната генерација. Таа посочи дека Општина Битола секогаш ќе им даде поддршка во насока на реализација на нивните активности, со особен акцент на третирањето на целосниот начин на живот и нивните активности.
На крајот од средбата, симболично, во знак на поддршка, градоначалничката остави свој отисок од раката на ликовниот перформанс под мотото „Една наша обоена дланка е поддршка за пациентите со ретко болести низ целиот свет“.