ПОД МОТОТО „МОЕТО УЧИЛИШТЕ, МОЈОТ ГРАД, МОЕТО СЕ“, ОУ „СТИВ НАУМОВ“ ГО ОДБЕЛЕЖА СВОЈОТ ПАТРОНЕН ПРАЗНИК

ПОД МОТОТО „МОЕТО УЧИЛИШТЕ, МОЈОТ ГРАД, МОЕТО СЕ“, ОУ „СТИВ НАУМОВ“ ГО ОДБЕЛЕЖА СВОЈОТ ПАТРОНЕН ПРАЗНИК

Основното училиште „Стив Наумов“ од Битола, со посебна свеченост која синоќа се одржа во Центарот за култура, го одбележа својот патронен празник.

Повеќе од 270 ученици на сцената, со силна енергија и ентузијазам, пред преполната сала ги покажаа своите балетски, драмски и музички точки.

Присутните ги поздрави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој честитајќи го патрониот празник, нагласи дека ваквите настани се од особена важност за градот, а избраното мото ја отсликува токму заложбата за изградба на вистински вредности преку училиштето и образовниот процес.

Директорот на училиштето, Никола Пискачев, потсети дека ова училиште продолжува со континуирана работа за подобрување на условите за учениците, за што потврдува и веќе добиениот проектот за изградба на енергетска фасада, како и подготовката на проектната програма за изградба на нова спортска сала во училиштето.

Свое обраќање на настанот имаше и внукот на Стив Наумов, претседателот на Општинската организација на Сојузот на борците, Стефан Бошков, кој ја истакна големата улога на училиштето во чувањето на споменот на херојот Стив Наумов.

На синоќешната прослава, претходеа повеќе настани за одбележување на патрониот празник, меѓу кои и ревијални спортски натпревари, крводарителска акција, работилница за креативно пишување, доделување на литературни и ликовни награди.