Денес, Советот на општина Битола, ја одржува 22 седница, на која прва точка на дневен ред е Предлог буџетот на општината за 2023 година. Во своето обраќање пред советниците, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, информираше за проектите кои е предвидено да се реализираат од страна на општина Битола, следната година. Со годишните и развојната програма, предвидена е изградба на патна инфраструктура на 40 улици, велосипедски патеки, нов парк во Нова Битола, адаптација на прифатилиште за бездомни животни, продолжување на изработката на генералниот урбанистички план, дигитализација на општинските услуги и други проекти.
Интегрален текст од обраќањето на градоначалникот Тони Коњановски
Почитувана Претседателка на Советот, г-ѓа Габриела Илиевска,
Почитувани советници,
Почитувани претставници на медиумите,
Почитувани гости,
Денес, кога пред Вас се наоѓа предлог буџетот за 2023 година, сакам да нагласам дека со реализираните активности во годината која изминува и покрај сите предизвици со кои се соочивме, успеавме да реализираме повеќе проекти: да овозможиме континуитет, да започнеме со изготвување на проектна документација, но и со реализација на нови проекти.
Тоа што и денес се врши асфалтирање и се работи на терен, конкретно на улиците „Булевар 1 Мај“ и во селото Брусник, потврдува дека го користиме секој ден за градежни активности и во оваа зимска сезона, како што работевме и во текот на целата година, зошто посветеноста подразбира континуитет, а не раздвижување само во предизборен период.
Ваквиот начин на функционирање, овозможи да реконструираме 20 улици од проектот за „Реконструкција, рехабилитација и изградба на 23 улици“, 3 се во постапка, а комплетно ги завршивме и отпочнатите 5 улици кои ги затекнавме со доаѓањето како нова локална самоуправа.
Заедно со нашите соработници, уредивме повеќе детски паркови и спортски игралишта, субвенциониравме проекти за енергетска ефикасност на колективни згради, изработивме катастар на загадувачи, зелен катастар, а во исто време, додека паралелно културно ја заживеавме Битола и овозможивме функционалност на културно информативниот центар, ја ставивме во функција новата трибина на стадионот „Петар Милошевски“, обезбедивме и поддршка за спортот и младите и реализиравме проекти од социјалната заштита.
Во делот на економскиот развој на општината, во постапка сме на изготвување на стратегија за ЛЕР, а во Индустриската зона „Жабени“, веќе има двајца нови инвеститори од Германија и Турција, кои купија парцели и очекувам дека наскоро и овие инвестиции ќе се реализираат.
Тоа што сакам да го најавам е дека, веќе го потпишав договорот со кој очекувам во првата половина на 2023 година, целосна дигитализација на услугите на општината. Согласно законската регулатива, завршени се дел од фазите за изработка на Генералниот урбанистички план за општина Битола и во 2023 година, Јавното претпријатие за урбанистичко планирање, проектирање и инженеринг продолжува со активностите за изработка, преку завршување на Документационата основа и отпочнување на Планската документација. При изработката на Планот се очекува завршувањето на стручните студии и експертските елаборати, да дадат генерални насоки за планирање на просторот на градот во границита на опфатот на ГУП.
Во делот на инфраструктурата, согласно програмите за комунални дејности и уредување на градежно земјиште и развојната програма, во 2023 година, опфатени се 28 објекти, со кои планирана е изградба и реконструкција на улици, нови паркинг простори и објекти од капитално значење во вкупна вредност од 445.937.880 денари или 7.2 милиони евра.
Во делот на улиците, посебно сакам да истакнам дека, за разлика од претходно кога најчесто, заради затекнатата документација имавме само реконструкција на коловоз, согласно документацијата која ја изработивме, кај најголемиот број улици, во 2023 година, ќе имаме целосна реконструкција, вклучувајќи и реконструкција на водоводната и канализационата мрежа.
Тука, сакам да најавам изградба и реконструкција на 40 нови улици, во должина од 22,4 км: меѓу кои, улица „Индустриска“ во должина од 2,4 километри, група на улици во должина од 1909 метри, потоа улиците „Драгорска“, „Зборска“, „Стив Наумов“ реконструкција на улицата покрај „Светонеделските гробишта“, втора фаза од реконструкција на улицата „Солунска“ и други улици во урбаниот дел, додека во руралните средини предвидена е реконструкција на улична мрежа во Оптичари, Егри, Лажец, 11 улици во Долно Оризари и исто толку во Горно Оризари.
Во делот на уличното осветлување, покрај на други локации, дел од програмата за 2023 година е и поставувањето на улично осветлување на потегот од „Млекара“ до Долно Оризари. Од позначајните проекти во делот на изградба и реконструкција на системи за одведување и прочистување на отпадни води со развојната програма предвидовме Изведба на канализација, колектор и градба за прочистување на отпадни води во НП „Пелистер“.
Покрај изработката на Локалниот еколошки акционен план, предвидовме повеќе проекти и субвенционирања, со што ги зголемивме средствата во Програмата за животна средина и истата изнесува 10.472.000 денари.
Во 2023 година, продолжуваме со изградбата на Новиот парк во Нова Битола, а за капиталниот проект за изградба на нова зграда на територијалната противпожарна единица во тек е изработката на основниот проект и во 2023 година, очекувам да започне изградбата на објектот.
Проектот за прифатилиште за бездомни животни е изготвен и одобрен и во 2023 година, започнува адаптацијата на постоечкиот објект и изградбата на дополнителните содржини во функција на објектот, согласно проектната документација, за што обезбедени се средства во износ од 46.586.092 денари.
Проектот „Подобра социјална инклузија за млади, спорт и рекреација на потегот Тумбе – кафе – Смолево“, ќе се реализира во должина од 1932 метри, за што обезбедени се 11.596.320 денари, со кои се предвидени градежни зафати за дооформување на земјината патека, нејзина стабилизација, поставување бекатон плочки, ставање во функција на уличното осветлување и поставување на канделабри на сончева енергија, пропратни содржини, летниковци, патокази и други содржини кои ќе придонесат за уредување на овој дел на градот.
Во моментот сме во фаза на подготовка на градежен проект за изведба на велосипедски патеки, кои согласно сообраќајниот проект, ќе бидат изведени на улиците „Васко Карангелевски“ и „Партизанска“.
Новата програма на одделението за економски развој за 2023 година, предвидува изработка на проектна документација и за поврзување со велосипедски, пешачки патеки и други пропратни содржини на селата Братиндол, Дихово, Брусник, Лавци и Буково во должина од 11.300 метри.
Во врска со изградбата на детските градинки, очекувам дека Министерството за труд и социјална политика, ќе ги испочитува одредбите согласно договорот за адаптација на детската градинка во просториите на Домот за доенчиња и мали деца, додека за другата градинка, во поранешната касарна, проблемите се надминати и во 2023 година, продолжуваме со изградба.
Покрај овие проекти и следната година, продолжуваме со поддршка на културата, спортот, младите, меѓународната соработка и реализацијата на проекти од програмите за прекугранична соработка.
Верувам дека и покрај енергетската и економската криза, планираните проекти успешно ќе ги реализираме, согласно предвидената динамика.
Во целиот тој процес на работа и јас како градоначалник и општинската администрација, остануваме отворени за соработка со граѓаните и со Вас советниците, секогаш, како и досега, подготвени да слушнеме и друго мислење, сугестии или конструктивни критики, кои може да придонесат за поголем успех во работењето на локалната самоуправа, во интерес на напредокот на општина Битола.
Ви благодарам