„ПОДДРШКА НА ЛОКАЛНИОТ БИЗНИС ЗА РАЗВОЈ НА ТУРИЗМОТ“ – ОДРЖАНА ЈАВНА ДИСКУСИЈА ВО РАМКИТЕ НА ПРОГРАМАТА ПО ПОВОД ДЕНОТ НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА БИТОЛА

„ПОДДРШКА НА ЛОКАЛНИОТ БИЗНИС ЗА РАЗВОЈ НА ТУРИЗМОТ“ – ОДРЖАНА ЈАВНА ДИСКУСИЈА ВО РАМКИТЕ НА ПРОГРАМАТА ПО ПОВОД ДЕНОТ НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА БИТОЛА

Како дел од Програмата по повод одбележувањето на Денот на ослободувањето на Битола, во организација на Младинскиот културен центар, во рамките на Европската недела на претприемништво, се одржа јавна дискусија на тема „Поддршка на локалниот бизнис за развој на туризмот“. На настанот зедоа учество претставници од Универзитетот „Свети Климент Охридски“, претставници од локалните мали и средни претпријатија и иновативни бизниси, граѓанскиот сектор и други локални чинители. Присутните ги поздрави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој рече:

„Поддршката на претприемништвото, воведувањето на иновативен пристап во бизнисите и успешната реализација на бизнис идеите, се особено значајни за времето во кое живееме, за соодветно надминување на предизвиците со кои се соочуваме. Токму затоа, партнерскиот однос помеѓу општината, невладиниот сектор и бизнис секторот, мора постојано да се надградува, за да може да се постигнат одржливи и општествено корисни решенија, кои ќе донесат подобра иднина за нашиот град. Како локална самоуправа, ваквиот пристап го применуваме во секојдневното работење, преку поддршка на идеи и иницијативи од граѓани кои се однесуваат на различни сфери од нашата надлежност, а од неодамна и преку локалниот економско социјален совет, кој очекувам дека ќе значи и дополнителна стимулација за нови претприемачки идеи кои ќе се развиваат во Битола.

Општина Битола, традиционално и оваа година ја поддржува иницијативата на Младинскиот културен центар, за организација на јавна дискусија во рамките на Европската недела на претприемништво, каде главниот акцент е ставен на поддршката на локалниот бизнис за развој на туризмот.

Како општина, располагаме со големо културно историско, но и природно богатство, кое претставува вистинска атракција за туристи од сите страни на светот. Обврска на сите нивоа на власт е да ги преземеме потребните мерки за заштита и афирмација, да ги збогатиме со дополнителни содржини, соодветни на нивните карактеристики, а со тоа, сите општествени чинители заедно, да дадеме влог кон развојот на туризмот во Битола.

Верувам дека нашиот придонес кон развој  на културниот туризам, поддршката на Националниот парк Пелистер, како и повеќе инфраструктурни проекти кои ги имплементираме, ќе бидат од значаен бенефит и за локалните бизниси и развојот на туризмот во Битола“, рече градоначалникот Коњановски.

На јавната дискусија беа претставени повеќе идеи и предлози, како и можности за преземање на конкретни чекори за развој на туризмот во Битола.