Во рамките на проектот „Инклузивен модел на младинско женско претприемништво во Битола“ кој е поддржан од буџетот на Општина Битола, беше промовирана публикација за младинското женско претприемништво од авторот проф. д-р Моника Марковска.
Пред присутните свое обраќање имаше градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска која ги презентираше сите заложби на општината за развој на женското претприемништво, за што најави дека во наредниот период општината ќе поддржува бизнис планови токму за развој на женското претприемништво во градот.
На тркалезната маса во Битола, учествуваа проф. д-р Снежана Мојсовска Саламовска од Економскиот факултет од Прилеп, Билјана Илиева Ванчевска, сопственичка на заботехничка лабораторија како и д-р Ана Ристевска, управителка на ИТ компанија.
Проектот „Инклузивен модел на младинско женско претприемништво во Битола“ чиј носител е здружението за меѓународна младинска соработка Интерактив од Битола заедно со здружението за млади и доживотно учење Пријателство плус – Битола, има за цел да го промовира концептот и потенцијалот на инклузивното младинско женско претприемништво меѓу младата женска популација и истовремено да едуцира и охрабри млади жени кои ќе започнат свој сопствен бизнис во Битола.