ПОДДРШКА ЗА ЛОКАЛНОТО МЛАДИНСКО ПРЕТПРИЕМНИШТВО

ПОДДРШКА ЗА ЛОКАЛНОТО МЛАДИНСКО ПРЕТПРИЕМНИШТВО

Во Битола се одржа јавна расправа  на тема „Локална поддршка за младинско претприемништво во Пелагонискиот регион: предизвици и перспективи“, на која што пред младите од регионот беа од различен агол прикажани нивните можности и перспективи за развој на локалното претприемништво, како и моменталните локални политики, достигнувања и планови за поддршка на младинското претприемништво. На јавната расправа свое учество имаа градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска, проф. д-р Божидар Миленковски, д-р Ана Ристевска, Елена Гагачевска, Борче Корлевски и модераторот проф. д-р Моника Марковска.

„Општина Битола направи многу чекори во самите образовни институции, а меѓу другото би споменала и дека потпишавме Меморандум со нашиот универзитет, со кој што отвораме врата за низа активности, а веќе следно е да ги отвориме вратите на јавните институции тргнувајќи од Општина Битола и јавните претпријатија, каде младите луѓе ќе бидат практиканти и директно ќе можат да видат како работат  институциите и да учат повеќе. Да видат каде тие како млади луѓе себеси се гледаат, а со стекнување на знаења, доаѓаат и идеите, со кои тие би се вложиле во општеството“, рече Петровска.

Јавната расправа е дел од проектот „Поддршка на изборните реформи“на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), кој го спроведуваат Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во партнерство со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ и Здружението за меѓународна младинска соработка Интерактив – Битола.