Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски, денес оствари средба со Лука Дамчевски, 15 годишен битолчанец, кој вчера беше најсреќен и го фати Светиот крст во осветените води во храмот „Св. Великомаченик Димитриј“, по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици.
„Му посакувам на Лука успех во училиштето Таки Даскало, каде што се школува, лична среќа, среќа во семејството, здравје пред се, успеси понатаму во животот. Разговаравме за неговите ангажмани и натамошното продолжување на школувањето. Во име на општина Битола доделуваме скромен подарок, тоа е иконата на нашиот заштитник, битолскиот светец „Св. Нектариј Битолски“ и финансиска поддршка од 15.000 денари. Воедно на сите граѓани на општина Битола им го честитам големиот православен празник Богојавление – Водици, со желба за лично здравје, да ни донесе повеќе бериќет, среќа, љубов, почит меѓусебна и во мир и благосостојба да ја поминеме годинава која е пред нас“, посочи на средбата градоначалникот Коњановски.
Дамчевски истакна дека вчера за прв пат учествувал во церемонијата на фаќањето на Светиот крст и е особено е радосен што токму тој е најсреќен оваа година, кога имаше и рекорден број пријавени учесници на манифестацијата.
„Мотивацијата ми беше да пробам, да видам какво е чувството за здравје. Го почувствував крстот со ногата, не беше тешко, но беше тешко да се извади поради гужвата, бидејќи имаше многу луѓе внатре, во водата. Посакувам среќа кај сите, а за следната година не знам, со Господ напред, па ќе видиме дали пак ќе учествувам“, рече младиот Дамчевски.