ПОГОЛЕМА ДОСТАПНОСТ НА ОПШТИНАТА ЗА ЛИЦАТА СО ОШТЕТЕН ВИД – ПОСТАВЕНИ 25 ТАБЛИ СО БРАЈОВО ПИСМО

ПОГОЛЕМА ДОСТАПНОСТ НА ОПШТИНАТА ЗА ЛИЦАТА СО ОШТЕТЕН ВИД – ПОСТАВЕНИ 25 ТАБЛИ СО БРАЈОВО ПИСМО

Со цел подигнување на свеста за општествена активност на лицата со попреченост и зголемено учество на слепите лица, општина Битола, преку програмата за социјална заштита, поддржа активности, со кои на лицата со оштетен вид им се овозможува поголема достапност до општината, а со тоа и до општинските услуги. Активностите кои ги реализираше Здружението на слепи лица, вклучија пишување, дизајн, изработка и поставување на табли со Брајово писмо на одделенијата и секторите во Општина Битола. Во изработка на таблите со својата експертиза, волонтерски се вклучија и д-р Ирена Ружин и м-р Јове Парговски, а приватната компанија ДОО ГАЛЕ ТЕКНИ  која ги печатеше таблите, дополнително изработи уште една главна табла со информации за називите на сите одделенија и сектори во Општина Битола.

На денешното поставување на таблите, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, нагласи дека, општината продолжува со реализација на Програмата за социјална заштита и спроведување на проекти кои ќе ги подобрат условите за сите граѓани:

„Како локална самоуправа на овој начин, настојуваме преку подобрување на условите и можностите, да ги надминеме препреките со кои се соочуваат нашите сограѓани, при завршување на секојдневните обврски. Во овој случај, сакам да изразам голема благодарност до сите кои се вклучија во реализацијата на овој проект и овозможија поголема достапност на општината за лицата со оштетен вид и слепите лица. Со поставувањето на овие 24 табли, пред канцелариите во општината и една дополнителна табла на влезот во институцијата, сите напишани со Брајово писмо, во голема мера ќе се олесни пристапот за граѓаните кои имаат оштетен вид, а на тој начин ќе можат самите со доаѓање во општината да се упатат на вистинското место и навремено да ги завршат потребните работи, со нивно директно присуство во институцијата и лесна пристапност до одговорните службеници. Во оваа насока, ќе продолжиме и во понатамошниот период, со реализација и на други проекти и активности за социјална заштита и социјална вклученост на сите граѓани, со акцент на ранливите категории“, рече градоначалникот Коњановски на денешниот настан.

Претседателот на Здружението на слепи лица, Дракче Брдаровски, нагласувајќи ја важноста на овој проект за лицата со оштетен вид, се заблагодари за поддршката од општината и сите учесници во работните активности, а содржината на таблите беше презентирана од Весна Софрониевска, слепо лице, вработена како физиотерапевт во Клиничка болница Битола

 

.