ПОГОЛЕМА ГРИЖА ЗА ДЕЦАТА ВО СООБРАЌАЈОТ

ПОГОЛЕМА ГРИЖА ЗА ДЕЦАТА ВО СООБРАЌАЈОТ

Со насочени пароли СТОП кон возачите, ученици од основното училиште „Елпида Караманди“ денес го преминуваа пешачкиот премин кај Педагошкиот факултет во Битола. Преку оваа акција, невладиниот сектор, Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот и Општина Битола координирано го одбележаа Европскиот ден без жртви во сообраќајот испраќајќи заедничка порака и до возачите и до пешаците да бидат внимателни, бидејќи одговорноста на сите учесници во сообраќајот е подеднаква.

„Ја поддржувам оваа акција и потврдувам дека секоја одговорна локална самоуправа само во соработка со граѓаните, со невладините организации, со стручни лица, може да дојде до вистинските решенија кои што би биле решенија на проблемите на граѓаните. Овој пешачки премин е фреквентен и опасен за децата, во локалната самоуправа веќе го имаме детектирано,  разговарано е на колегиум дека едно од решенијата може да биде поставување на семафори, но оставивме стручни лица со подетална анализа ова да го обработат, за да се дојде до вистинското решение во интерес на граѓаните. Ова нека биде мотив повеќе за сите организации и здружениеја на ваков начин, во соработка со локалната самоуправа, да се најде решение за проблемите на граѓаните“, рече м-р Наташа Петровска, градоначалник на Општина Битола.

Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот се јавува како поддржувач на акцијата во рамките на активностите по повод Европската недела на мобилност.

„За прв пат Oпштина Битола оваа година се вклучува во семејството на над 2600 европски градови кои ја поддржуваат манифестацијата Европска недела на мобилност. Основа цел на овој настан е да се одбележи Европскиот ден без жртви во сообраќајот, со што ги опоменуваме возачите на внимателност при управувањето со возилата, но и пешаците, велосипедистите и сите учесници во сообраќајот дека нивната одговорност е взаемна. Тука сме да дадеме поддршка на здружението „Геосфера“ кое ја покрена акцијата, но, истовремено ги опоменуваме здруженијата дека не треба да се избрзува со паушални мерки, односно дека секое сообраќајно решение треба да се темели на една детална анализа“, рече д-р Јасмина Талевска, претседател на ОСБСП.

Регионалното географско друштво „Геосфера“ е иницијатор на оваа кампања за подигнување на свеста кај граѓаните и сите надлежни институции за поставување на семафори на повик на улицата „Васко Карангелевски“.

„Очекуваме стручните лица да дадат придонес во изработката на елаборат за предложеното сообраќајно решение и да овозможат безбедно поминување на децата низ оваа улица, но и низ други улици во градот во близина на основните и средните училишта. Ова е единствена улица каде што треба да се поминат четири коловозни ленти наеднаш и е проблематична за децата“, рече Мите Ристов, претседател на регионалното географско друштво „Геосфера“.

Кон акцијата се приклучија родители чии деца го посетуваат Дневниот центар на лица со пречки во развојот, поддржани од претседателката на здружението „Ретки и различни, дечиња со посебни потреби“, претседателката на здружението на деца со церебрална парализа „Емануел плус“ и претседателката на здружението „Еднородителски семејства“, кои побараа овој настан да ја поттикне свеста кај сите граѓани во моментите кога деца ја преминуваат  улицата, особено кога улица преминуваат деца со пречки во развојот.

„Помогнете им на лицата со попречености. Немојте да им го отежнувате уште повеќе нивниот живот, кога гледате лице со било каква попреченост. Дозволете им на родителите и нивните деца да преминат на пешачки премин и имајте трпение за тоа“, апелираа од овие здруженија.

Во однос на обележувањето на пешачките премини, пред стартот на учебната година започна обележувањето на премините во непосредна близина на основните и средните училишта, а на улицата Васко Карангелевски, во оваа фаза на работа обележани се само подолжните ленти на коловозот. Во текот на оваа недела продолжуваат активностите за бележење на пешачките премини во градот.