Во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Битола, денес се спроведуваше тестирање во рамките на меѓународната студија за проверка на оспособеноста на учениците меѓу 9 и 10 години (за ученици од IV одделение) за читање со разбирање, ПИРЛС (Progress in International Reading Literacy Study). Во тестирањето се вклучени 5 основни училишта од Општина Битола од вкупно 150 основни училишта од РСМ со над 3400 ученици, а се тестираат цели паралелки од четврто одделение избрани по случаен избор. Процесот на тестирање се спроведува со под мониторинг на Меѓународната организација за вреднување на образовните постигања (IEA).
„Ова тестирање е многу значајно, затоа што го одредува постигнувањето на квалитетот на знаење кај учениците. Преку овие анализи, се овозможува добивање на слика, кои чекори понатаму треба да се спроведуваат во образованието, во наставните програми, во начинот на организирање на наставниот процес, особено во циклуси кои што затвораат одредено ниво на образование, поточно во премин од основно кон средно, од средно кон високо образование итн. Само со ваков сериозен пристап на анализи и аргументи, може да се види до каде е нашиот образовен систем, каде треба да се движиме и на кој начин треба да одиме кон постигнување на повисоки нивоа на резултати кај учениците“, рече градоначалничката Наташа Петровска.
Надлежна институција за спроведување на оваа активност е Државнот испитен центар, која спроведе неколку активности пред одржувањето на тестирањата.
„Организиравме вебинар за карактеристиките на ПИРЛС, изработена е збирка задачи со текстови кои се користеле во претходните циклуси, беа организирани обуки за одделенските наставници кои предаваат во IV одд. за обработка на текстовите од збирката задачи и обуки за директорите и училишните координатори за организација на тестирањето, спроведовме пробно тестирање за читање со разбирање во 150 основни училишта.Главна цел на пробното тестирање беше учениците да се запознаат со ваков вид тестирања, да се проверат можностите за организација на тестирање во услови на пандемија и да ги проверат ефектите од обуките за обработка на текстови од типот на оние кои се користат во ПИРЛС“, истакна ВД директорката на Државен испитен центар Елизабета Наумовска.
Студијата обезбедува меѓународни компаративни податоци за тоа колку добро децата на околу 10-годишна возраст читаат со разбирање, како една од најважните способности што се стекнуваат во почетните години од образованието, а обезбедува основа за понатамошно учење и напредок во сите сфери на животот. Нашата држава до сега учествуваше во два циклуси на ПИРЛС (во 2001 г. и во 2006 г.).