ПЕТРОВСКА: 40% ОД БУЏЕТОТ Е ЗА ИНФРАСТРУКТУРА

ПЕТРОВСКА: 40% ОД БУЏЕТОТ Е ЗА ИНФРАСТРУКТУРА

На 18-тата седница на Советот на Општина Битола, на која како дневен ред се најде само една точка – Квартален извештај за извршување на Буџетот на Општина Битола за вториот квартал од 2018 година, присуствуваше и градоначалничката м-р Наташа Петровска.

Советниците од опозицијата поставија голем број прашања до градоначалничката, која ќе им го даде одговорот по писмен пат. Истите ќе бидат објавени и на веб страната на Општина Битола, за да можат да бидат достапни и до граѓаните на Општина Битола.

Од говорницата градоначалничката Наташа Петровска најмногу се осврна на точката на дневен ред, односно реализацијата на кварталниот буџет.

„Од структурата на буџетот на Општина Битола може да заклучи дека суфицитот е над 600.000 евра и е во насока на стабилизирање на финансиите на општината, која што наследи долгови од минатата власт. Во буџетот има зголемување за 18% на Данокот на доход, односно на данокот кој покажува дека расте бројот на вработеноста во Битола. Позитивен момент, како структурно набљудување на буџетот е дека има зголемување за повеќе од 16% во однос на минатата година за уредување на земјиште, односно комуналните давачки. Тоа значи дека во првата половина од годината во Битола се гради повеќе од минатата година. Во минатото, некоја друга власт продавала парцели, парите ги потрошила, инфаструктура не изградила, но согласно законските одредби, оние кои што извадиле дозволи за градба ја довеле општината да се враќаат средства кои што влегле во буџетотот од претходната власт, а сега друга власт треба да ги плаќа тие пари. Расходите во однос на лани се намалени за 40.000.000 денари. За прв пат се случува дури 40% од буџетските средства да се вложуваат во инфраструктура, улици, канализации, водоводи и други градежни објекти.

Секогаш во минатото дискутабилни биле сумите за други договорни услуги. Сега тие се намалени за 50% како трошоци. Дневните расходи и патните расходи се намалени за 30%. За нови 30% се намалени тековните расходи во кои се криеја „други тековни расходи“. Токму тие пари се трошат со длабоко намалени проценти. За повеќе од 10.000.000 денари се намалени разните трансфери кои не се знаеше каде завршуваа изминатите години. Годинава културното лето „Бит фест“ е 5.500.000 денари, а во 2016 година било 16.000.000 денари. Само за пример, директорката на гимназијата „Јосип Броз Тито“, кога дојде пред 10 месеци наследи долг од 1.200.000 денари. Моменталниот долг за само 10 месеци, го сведе на 113.000 денари. Иако од оваа говорница ме квалификуваа како крајно неспособна личност, ќе кажам што уште направи локалната власт. Во 2007 година, во септември, СОУ „Таки Даскало“ беше оставено со буџет од 125.000 евра на својата сметка. До крајот на годината, за само 4 месеци, по завршна сметка, училиштето е донесено во минус од 220.000 денари. Тоа значи дека откако актуелната директорка во 2007 го оставила училиштето со позитива од 125.000 евра,  пред неколку месеци го наследи со долг од 940.000 евра. Стекнат е долг на училиштето за 10 години од над 1.000.000 евра, за само едно училиште. Во истото училиште само за услуги на еден извршител е наплатена сума од 100.000 евра. Сепак, истото тоа училиште успеа да ја вклучи струјата“, рече Петровска од говорницата.

Сепак, говорејќи за сумите, Петровска се осврна и на киното Манаки, како пример за недомаќинско однесување со јавните средства на минатата власт. Го коментираше и актуелниот проблем со Планинарскиот дом „Копанки“.

„Во ова лимарско-стирополско издание, досега, без никаква внатрешна опременост, само за ентериерот, потрошени се над 600.000 евра. Кога ќе поминат луѓето покрај киното „Манаки“, нека се потсетат на оваа сума на пари кои што се потрошени за нешто што не е фунционално до ден денес и покрај таа потрошена сума. Што се однесува до Планинарскиот дом „Копанки“, повторно таму ќе го пиеме чајот како битолчани. Драги мои битолчани, кога зборувавме како да го направиме домот, реков, ќе излезам во медиуми и ќе ги повикам сите битолчани да се зачлениме во ПСК „Пелистер“, така што сите ќе бидеме членови на ПСК „Пелистер“, а на тој  начин и „Копанки“ ќе биде на сите битолчани и ајде да го направиме. После ова, на 05.05.2018 година е сменет Статутот на ПСК „Пелистер“ каде што се дадени услови кој би можел да биде член ова здружение, кое се залага за развојот на планинарството. Стојам на тоа дека Диме Попов ги штити интересите на ВМРО-ДПМНЕ и дека не станува збор за тоа дали ние го сакаме „Копанки“ или не, туку станува збор за сосем друг интерес. Дали во меѓувреме нешто направивме? Да. Беа повикани, им беше кажано да ја предадат сопственоста и Битола ќе го направи домот, а тие на иста седница на Совет, со одреден член во договорот, ќе го добијат на одреден број години на стопанисување. Не со градоначалникот, туку со советниците да се донесе таа одлука. Предлогот, без никакво размислување, без да се даде ден или два да се размисли, во истиот момент беше какатегорично одбиен. Тоа говори дека не се луѓе на кои им значи дали „Копанки“ ќе биде изграден. Сепак, „Копанки“ ќе се изгради. Како, во оваа прилика нема да се дискутира. Но, јас и битолчани, повторно таму ќе пиеме чај“, истакна Петровска.