„Почитувани,
Последните два дена во јавноста се изнесуваат низа невистини и дезинформации директно насочени кон мене како градоначалник и институцијата која ја претставувам, а поврзани со постапката за добивање одобрение за градење за болницата „Плодност“.
Во интерес на вистината и со цел информирање на јавноста за законитост на постапката, која важи за секој граѓанин и инвеститор, денес закажав прес конференција.
Вистината е следна.
Сите ние, вклучително и јас како Градоначалник сме еднакви пред словото на законот. Кога се гради, се гради со издадена градежна дозвола и никако поинаку. Никој нема право на екслузивитет, привилегија и делување надвор од она што законот го предвидува.
Како Градоначалник, претставувајќи институција, мора да постапувам согласно начелата на законот, заштита на јавниот интерес и буџетот на општината.
Во постапката на издавање на градежна дозвола, барателот е должен да ги почитува сите чекори согласно закон.
Уплаќањето на комуналии што е еден од чекорите, во никој случај не значи стекнување на право за започнување на градба кое се добива дури по завршување на другите чекори од постапката.
Во случајот „Плодност“ е извршена првична погрешна пресметка на комуналии од страна на службено лице заради што е спроведена процедура на проценка на одговорност со внатрешна контрола и ревизија на постапката.
По воочувањето на пропустот, е реагирано од страна на службите како би се заштитил буџетот за сума од околу 100 000 евра.
Доколку би се постапило поинаку, би се кршеле законите кои носат правни последици заради оштетување на буџет.
Токму поради тоа, донесено е решение за поништување на издадената погрешна пресметка. Барателот е навремено известен за истото, при што одлучува да поднесе жалба до второстепената комисија на Министерството за транспорт и врски.
Не чекајќи решавање по жалбата, известени сме од Министерството, дека барателот ја повлекува жалбата, при што постапката од страна на министерството е запрена.
После добиеното известување од Министерството, од страна на одделението за спроведување на урбанистички планови во Општина Битола, извршен е увид на терен и со записник е констатирано дека инвеститорите отпочнале со градење, при што постапиле спротивно на член 56 став 1 и член 65 а, став 1 и став 2 од важечкиот закон за градење и отпочнале градежни активности без завршена управна постапка со издадено правосилно одобрение. Врз основа на ваквата констатација, државните службеници кои го водат предметот, предлагаат до градоначалникот донесување на решение, со кое се одбива барањето на здравствената установа „Плодност“, за доградба и адаптација на постоечкиот објект.
Поедноставно кажано, ова значи постоење на БЕСПРАВНА ГРАДБА, а тоа е единствената причина за донесување на решение за одбивање на барањето.
Ќе повторам, ништо не може да го амнестира почнувањето на градба, пред завршување на процедурата, односно пред добивање на правосилно одобрение за градење.
Впрочем, градењето без градежна дозвола е кривично дело.
За мене, сите граѓани се подеднакво важни и со еднакви права независно од нивниот социјален, економски и политички статус.
Жалам што некои сметаат дека се граѓани од привилегирана класа и како такви сакаат да им се прогледува низ прсти кога станува збор за почитување на законите“, изјави на денешната прес конференција градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска.