ОФИЦИЈАЛИЗИРАЊЕ НА СОРАБОТКАТА ЗА ПРОЕКТОТ КИНОКУЛТУРА ФИНАНСИРАН ОД ИПА

ОФИЦИЈАЛИЗИРАЊЕ НА СОРАБОТКАТА ЗА ПРОЕКТОТ КИНОКУЛТУРА ФИНАНСИРАН ОД ИПА

Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, денес го потпиша договорот за партнерство, со што и официјално започнуваат подготовките за потпишување на финалниот договор за реализација и имплементација на проектот „Кинокултура – Интерактивна и виртуелна презентација на културното наследство и кино“, проект одобрен и финансиран, во рамките на ИНТЕРРЕГ ИПА програмата од  првиот повик за прекугранична соработка со Грција 2014-2020 (Interreg IPA Programme Greece-Former Yugoslav Republic of Macedonia 2014-2020).

Партнери во проектот се: Општина Битола, Општина Воден, Јавно претпријатие на Воден и Здружение за развој на екологијата, туризмот и културната соработка ГРИН-ЛИСТ од Битола. Со реализацијата на овој проект, ќе се обезбеди опрема за отворено кино, која ќе биде ставена во функција на културниот развој на градот, опрема за туристички информативен центар, негово ставање во функција и надминување на дефицитот на место кое ќе биде во интерес на сите посетители на градот, а ќе се овозможи и 3Д интерактивна и виртуелна прошетка низ културно историското наследство на Битола, со посебен акцент на стариот театар во градот, што ќе претставува можност за доближување на значајните културно – историски објекти, во нивниот некогашен облик, до сите генерации. Реализацијата на овој проект ќе овозможи промоција на големото културно историско наследство во прекуграничната област, со цел создавање услови за збогатување на туристичката понуда на Битола, но и на прекуграничната област.