Како резултат на партнерското делување на Општина Битола со Здружението за развој на ромската заедница „СУМНАЛ“, како и партнерски организации и општини од Германија, Бугарија, Грција, Унгарија, Романија во рамките на проектот „Грижа за здравјето на Ромите – 2“, во Битола е отворен Здравствениот едукативен центар за Роми – Битола.
Проектот е уште една потврда за посветеноста на локалната самоуправа за подобрување на условите во сите области на општественото живеење. На овој начин, преку активно вклучување на ромското население, бенефитот ќе биде, како од здравствен, така и од образовен и социјален аспект. Предвиденото делување во рамките на овој центар ќе донесе спроведување на низа превентивни мерки, кои секако се од голема важност, како за Ромите, така и за сите жители на општина Битола, зошто заштитата на секој поединец, значи и заштита на заедницата. Покрај овој проект, општина Битола е партнер и во проектот Баир – Здружена акција на Битола за вклучување на Ромите, преку кој исто така се имплементираат целно насочени активности за јакнење на заедницата, урбана надградба и социјални права.
На денешното отворање, на кое присуствуваа и советници од Советот, се обратија Роналд Шункнехт, Снежана Петровска – раководител на сектор за економски развој, јавни дејности и ИТ во општина Битола, Весна Спирковска директорка на од здравствениот дом „Д-р Хаим Абраванел“ и м-р Фатма Бајрам Аземовска претседател на „Сумнал“ – здружение за развој на ромската заедница.
Претседателката на „Сумнал“-здружение за развој на ромската заедница Фатма Бајрам Аземовска изрази благодарност до општината за взаемната соработка со општина Битола.
„Стратешкото партнерство „Roma HEALTH Care II“ е еден од проектите. Во основа, тоа има за цел подобрување на здравствената состојба на Ромите во земјите партнери. Меѓу другото, тоа особено ќе доведе до: зголемување на бројот на Ромите кои добиваат здравствено осигурување; подобрување на физичкото здравје и исхрана, зголемување на бројот на Роми кои ги користат достапните мерки за превенција од рак, подигнување на вакциналниот статус на возрасните Роми, намалување на бројот на зависници Роми, односно Роми на кои им се заканува зависност, намалување на бројот на несакани бремености и ризикот од венерични болести и подобрување на денталната хигиена“, рече Аземовска.
Ромскиот здравствен образовен центар во Битола ќе нуди прилагодени мерки за образование на возрасни за подигнување на здравствената писменост кај Ромите, ќе организира работилници, понуди за неформално образование, спортски активности и натпревари, како и образовни и едукативни кампањи. Активностите ќе ги спроведува едуцираниот тим на Здружението за развој на ромската заедница.
Утврдената потреба од Акциска група на заедницата во рамки на #RОМАCТЕD II, реализирана преку Еразмус плус програмата. Ваквата синергија помеѓу заедничката програма на Европската унија и Совет на Европа # РОМАКТЕД II и Еразмус плус програмата финансирана од Европската комисија даде конкретен резултат во насока на подобрување на здравјето на Ромите како маргинализирана група.